Дали е важно што јастог чувствува болка или не, е една од битките што се водат меѓу борците за права на животни и борците за вкусен оброк. Додека овие да се договорат Швајцарија реши да забрани јастози да бидат живи варени.
Еден од најчестите методи за подготвување јастог е тој жив да биде ставен во тенџере со вода што врие, која инстантно го убива јастогот. Оваа пракса ќе биде забранета во од 1-ви март, затоа што Швајцарците тврдат дека таа е сурова и јастозите можат да чувствуваат болка.
Во првиот ваков национален закон кој се залага за похумана смрт на јастозите, се препорачува тие бидат онесвестени пред да бидат ставени во врела вода. Меѓу препорачаните методи за ова се струја или седативи.
Заштитата на јастозите следува по неколку научни студии кои покажуваат дека тие се свесни суштества, и дека како и останатите животни чувствуваат болка и вознемиреност.
Претходно швајцарскиот парламент се обиде целосно да забрани увоз на јастози во земјата за да ги спаси од малтретирање, меѓутоа беше заклучено дека таа мерка ќе прекрши комплицирани меѓународни договори за трговија, па беше решено да се оди на опција Б.
Затоа пак тие се изборија јастозите задолжително до крајната дестинација да бидат префрлани во морска вода, а не на мраз.
Казната за прекршување на законот е до 3 години затвор.
Освен јастози, истиот закон дава дополнителна заштита на домашните животни, па од сега кучињата не смеат да бидат казнувани за тоа што лаат.
Мерките се дел од принципот на „достоинство за животните“ кој е запишан во швајцарскиот устав. Со уставот на земјата се гарантираат правата на социјализација на животите и се наведува како тие мора да бидат третирани.
Во пракса ова значи дека домашните мачки мора да имаат секојдневен визуелен контакт со други мачки, хрчаците и морските прасиња мора да бидат чувани во парови, а е забрането фрлање златна рипка во канализација.