
Викендов, во Штутгарт, во организација на фондацијата Јозеф Вунд се одржа церемонија за доделување награда за најдобар проект, кој добива финансиска помош од фондацијата. Работата на фондацијата е посветена на одржлив придонес за зачувување и внимателно користење на водата.
Проектот “Нуркање за зачувување” на г-ѓа Силке Олдорф – германски истражувач, доби финансиска награда која ќе биде наменета за унапредување на вештините и знаењата на локалните нуркачи на Охридско езеро, кои преку мониторинг, мапирање на растенијата и идентификување на влијанијата ќе работат на зачувување на биодиверзитетот на езерото.
Имав можност да се обратам на настанот и во име на македонските граѓани најтопло да се заблагодарам на г-ѓа Силке Олдорф – и целиот нејзин тим, да ја потенцирам важноста на Охрид и Охридското езеро, најстарото и најдлабоко езеро во Европа, дом на многу ендемски видови, не само како наше богатство, туку и како светско природно наследство, заштитено од УНЕСКО, изјави Јулиана Николава, македонскиот конзул во Минхен. Дополнителен аспект на кој се осврнав е и целокупната соработка и партнерство помеѓу Германија и РС Македонија, економија, култура, одржлив развој, однос исполнет со заемна почит и поддршка. Секако, ги поканив сите присутни да го посетат Охридско езеро и да уживаат во природната, културната и духовната убавина на градот.
Се поврзавме и во живо со Охрид, каде г-ѓа Олдорф, заедно со нашите нуркачи се вклучија во живо и разменивме преубави пораки, секако дел и на македонски јазик.
Фондација Јозеф Вунд, Силке Олдорф, драги наши нуркачи од Охрид, учесници во проектот, неизмерна благодарност за идејата, препознавањето на она што е ретко и преубаво, заштитата, посветеноста и благородноста – тестамент за идните генерации за грижата и унапредувањето на природата и животната средина, но и силна порака до сите нас, да ги цениме, чуваме природните богатства на нашата преубава земја.