Два региона во Австрија одат во целосен „локдаун“

Два австриски региони најпогодени од пандемијата на коронавирус, Салцбург и Горна Австрија, од понеделник ќе воведат карантин за целото население.

Тие мерки треба да бидат укинати околу Божиќ, изјави денеска премиерот на Салцбург Вилфрид Хаслауер, по најавата на регионалните лидери.

„Мораме да понудиме и перспектива: ова е шанса да бидеме отворени пред Божиќ“, рече Хаслауер, повикувајќи ги жителите да се вакцинираат.

Двата региона имаат најголем број заразени лица во државата, а болниците се речиси целосно полни.

„Затоа немаме друга алтернатива освен да го воведеме ова затворање“, рече Хаслауер на прес-конференција во Салцбург.

Карантинот за невакцинираните жители веќе е во сила од понеделник на целата територија на државата.

За сите дополнителни мерки на национално ниво ќе се разговара утре за време на разговорите меѓу федералната влада и регионите.

Според новите мерки во двата региона отворени ќе останат само продавниците и аптеките.

Кафулињата, рестораните и клубовите се затвораат, а училиштата се префрлаат на онлајн настасва.

Жителите ќе можат да ги напуштат домовите само поради итна работа или поради медицински причини, да вежбаат или да одат на работа.

Денеска Австрија имала 15.145 нови случаи на инфекција. Од нив имало 1.700 во Салцбург и 1.600 во Горна Австрија, регионот чиј главен град е Линц. И двата региони имаат најниски бројки на вакцинирани во земјата.