(Видео) Жестоки протести против мерките во Германија, повредени 13 полицајци

Според официјални податоци, 13 полицајци се повредени во ненајавените демонстрации против антиковид-мерките во германскиот град Манхајм.

Во вечерните часови во центарот на Манхајм се собрала група од неколку стотици луѓе, кои се противат на сегашните мерки, јавија германските медиуми.

Демонстрантите решиле да ги игнорираат актуелните забрани за собири и дале отпор кога полицијата тргнала да го прекине нивниот марш.

Еден од полицајците, поради повредите, е префрлен во болница. Тринаесет лица се уапсени поради напад на полицијата, се вели во соопштението на полицијата во Манхајм.

Уште 131 лице се пријавени за прекршување на законот за собири.

И во другите сојузни покраини на Германија голем број луѓе уште еднаш демонстрираа против мерките за борба против пандемијата.

Според полицијата, во покраината Мекленбург-Западна Померанија вечерта околу 17.000 луѓе во 20 града учествувале во пријавени и нерегистрирани настани.

Граѓани протестирале и во покраината Саксонија-Анхалт. Според полицијата, само во Магдебург на нерегистрирани протести се собрале 3.000 луѓе. Во неколку градови во Саксонија повторно се одржале нелегални протести, а неколку биле спречени од полицијата.

Инаку, германската влада денеска ќе одржи состанок со премиерите на покраините за да разговараат за мерките за спречување на ширењето на омикрон-варијантата.

Германските медиуми наведуваат дека се споменува опцијата „локдаун лајт“.

Според весникот „Билд“, кој се повикува на првата нацрт-одлука, владата смета дека е потребно дополнително да им се ограничат контактите на невакцинираните и на оздравените за да се спречи ширењето на омикрон-сојот.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија