Дино е омилен меѓу Балканците во Германија, но и во Австрија и Швајцарија.
Поради политичката ситуација и корупцијата во земјата, како и високата стапка на невработеност и лошата економска состојба, многу луѓе од Балканот одлучуваат да ја напуштат својата татковина.
Дино Клепо, родум од Јабланица, Босна и Херцеговина, кој долги години живее и работи во Германија, во интернет заедницата попознат како Гастарбајтер, ги советува и информира сите оние кои дошле во Германија, или планираат, за начинот на живот, правните процедури, наоѓање и задржување на работа и многу други информации, што на многумина им го олеснува секојдневниот живот.
Преку својот канал на Youtube, групата на Фејсбук и профилот на Фејсбук, речиси пет години им помага на бројни Босанци, Македонци, Хрвати и Срби… Групата Гастарбајтер на Фејсбук брои речиси 250.000 членови и расте од ден на ден. Членовите на групата секојдневно од него бараат помош и совет за работа, апликација, виза, станови, даноци и слично, а тој секогаш наоѓа време за нив.
„Не знам за ден или ноќ. Постојано сум активен и им помагам на членовите на групата со корисни совети. За 4,5 години им помогнав на околу 25.000 луѓе да се вработат, се разбира, секогаш бесплатно. Приближно 60% се луѓе од мојата Босна и Херцеговина, 25% од Србија и другите земји од поранешна Југославија. Најголем проблем е добивањето виза во амбасадата, бидејќи месечно во амбасадите на Балканот се издаваат околу 2.000 визи. Можам да се пофалам дека луѓето од мојата група земаат 40% од сите тие термини месечно. Знам како да се регистрирам и да ги учам луѓето како и каде да закажуваат термини. Повторно велам – бесплатно, бидејќи има многу групи и агенции кои тоа го нудат и наплаќаат, но не успеваат“, посочува Дино Клепо Гастарбајтер.
Дино додава дека од сите професии, медицинските работници се уште се најбарани во Германија.
„По медицинските лица доаѓаат возачи, наставници, но и секакви занаетчии – електричари, керамичари, водоинсталатери. Голем проблем создава и економската криза по војната во Украина. Сега цените донекаде се стабилизираа. Плин има, никој не се лути, струја има, нема кусок. Имаше многу хистерија, како за време на пандемијата. Колку и да е тешка економската криза, сепак може добро да се заработи и да се живее. Удобно може да живее просечно семејство, во кое работат двајца и имаат на располагање 5.000 евра нето. Керамичарите и медицинските работници можат да заработат до 4.500-5.000 евра. Па, ни нашиот министер го нема тоа“, низ смеа вели Дино Гастарбајтер.
Тој понатаму објаснува дека доаѓа реформа на законот за миграција, која ќе го олесни и дебирократизира доаѓањето на професионалци во Германија.
„Кој го знае јазикот, има искуство, има училиште, ќе може да дојде директно во Германија и да реши се овде. Некои дури ќе можат да добијат германски пасош по три години, други по пет. Побарувачката за германски пасоши е огромна“, продолжува овој јабланичанец.
Дино е омилен меѓу Балканците во Германија, но и во Австрија, Швајцарија…
„Каде и да се појавам нашите луѓе сакаат да се сликаат. Ме споменуваат во сите кафулиња и на социјалните мрежи. Не ја сакам глорификацијата на мојот лик и верувам во добро дело. Сакале или не, ние Балканците припаѓаме заедно. Додека сме поделени таму, сите заедно живееме овде. Гастарбејтер е проект кој ова лето полни пет години.“
Дино ги собра сите народи и народности од нашите простори.
„Од утро до вечер неуморно се борам за сите наши деца да добијат услови достојни за човечко суштество. Да имаат се што им треба. Тоа го правам секој ден од убедување и многу љубов, на што ме научи баба ми Бисера. Никогаш не сум го заборавил моето потекло и знам што значи севап. Кога некој ќе ме праша како да ми возврати, дали треба да ме почести, јас му велам дека не треба, а кога ќе се снајдат нека му помогнат на друг, како што јас им помогнав, и така ќе направиме светот е малку подобар. И, фала богу, гастарбајтерите си помагаат“, вели гастарбајтерот Дино Клепо.