Досегашната долга процедура за издавање работна виза беше еден од најголемите проблеми за многуте Македонци што заминуваа да работат во оваа островска земја, со оглед на тоа дека без таква виза тие можат да останат на Малта само 3 месеци и да работат на црно.
Добра вест за Македонците што планираат да работат на Малта. Властите во оваа островска земја одлучија да го скратат периодот за обработка и издавање на работните визи за странци од четири месеци на само четири недели. Оваа одлука, според властите од Малта, е донесена за да се надмине проблемот со недостиг од квалитетна работна сила во земјата.
Според властите од Малта, недостигот од квалитетна и соодветна работа сила е проблем со кој земјата се соочува подолго време и покрај големиот наплив на странски работници. Како што пренесуваат медиумите, тој проблем не е присутен само во угостителството и градежната индустрија, туку е присутен во сите сектори на економијата.
Со скратувањето на процедурата за добивање работна виза, властите во Малта се надеваат дека ќе обезбедат поквалитетна работна сила бидејќи конкуренцијата од странство дополнително ќе ги мотивира и домашните работници. Долгата процедура за добивање работна виза е еден од најголемите проблеми со кој се соочуваат странците што решаваат да работат на Малта.
Македонци што веќе подолго време живеат и работат таму, за Емигрико.мк објаснија дека откако ќе најдат работа на Малта, луѓето од земјава треба да аплицираат за работна дозвола, која чини околу 500 евра и за која се чека неколку месеци, а која по добивањето има важност од една година. По тој рок треба одново да се продолжи. Доколку барателот е одбиен за работна дозвола, парите не му се враќаат.
– Додека се чека дозволата, се работи на црно. Ако поминат три месеци, колку што имаме право на туристички престој со македонскиот пасош, треба да се вратиш во својата земја и таму да чекаш одговор дали си добил работна виза. Ако си ја добил, можеш повторно да се вратиш на Малта – објасни за Емигрико.мк, Марија од Скопје, која подолго време живее и работи на Малта.
Според неа, во последно време се забележува дека работните дозволи се издаваат побрзо за разлика од претходните години, но тоа не важи за сите работодавци.
– На Малта сега има нова политика околу станбеното прашање и добивањето работна дозвола. Работникот мора да има документ потпишан од сопственикот на станот што го изнајмува за да може да добие работна дозвола. Ова го наложија властите бидејќи имаше многу сопственици на станови што им ги изнајмуваа на странци, но тоа не го пријавуваа за да не мора да платат данок. Па така, странецот не може да добие работна дозвола додека сопственикот на станот не им потврди на надлежните институции дека навистина му го издава станот – вели Марија.
Медиумите во Малта ги пренесуваат најавите на државните институции дека планираат во иднина дополнително да го скратат рокот за издавање работни дозволи на странци на две недели.
За повеќе вакви и слични теми придружете ни се во нашата фејсбук група Работа и Сместување на Малта