Од 2008 година во Луксембург, работната дозвола и дозволата за престој (за работници од „трети земји“) се споени во една дозвола наречена Autorisation de séjour. Од 2009 година, двојното или повеќекратното државјанство во оваа држава е дозволено.
Луксембург е член на Шенген зоната. Тоа значи дека граѓаните кои имаат дозвола да патуваат во оваа зона, имаат можност слободно да се движат меѓу државите во рок до 90 дена, туристички или со некаква друга цел.
Граѓани на ЕУ/ЕЕА/Швајцарија
Граѓаните на кои им е дозволено слободно движење низ шенген зоната, можат да влезат во Луксембург и да останат таму до три месеци, со важечка лична карта или ЕУ пасош. Доколку сакаат да останат подолго, постојат неколку опции: да бидат вработени од страна на некоја компанија; да бидат самовработени; да бидат запишани во јавна или приватна образовна институција; или да имаат доволно парични средства за да не бидат товар на системот на социјална сигурност и да имаат здравствено осигурување. Таквите лица мораат да ги посетат локалните канцеларии во нивното место на живеење во рок од три месеци од доаѓањето, со цел да аплицираат за регистрација. За овие лица нема потреба од виза или дозвола за работа. Сепак, државјаните од новите земји-членки како што е Хрватска, сè уште мораат да аплицираат за дозвола за работа во бирото за вработување.
Граѓани од „трети земји“
За повеќето државјани кои не се членки на ЕУ, а сакаат да останат таму и до три месеци, потребна е виза. Виза за краткорочен престој може да се добие во амбасада или конзулат, обично со поднесување на пријава, важечки пасош, доказ за причина за посетата, детали за сместувањето и повратен билет. Ако планирате да останете повеќе од три месеци, потребно е да аплицирате за дозвола за привремен престој, како вработено лице, самовработено лице, спортист, студент, ученик, практикант, истражувач или член на семејството на некој што веќе престојува таму. Оваа пријава се поднесува до Министерството за имиграција пред да пристигнете во Луксембург, бидејќи тоа служи и како дозвола за престој и работна дозвола. Ова исто така може да се направи преку конзулатот или амбасадата на Луксембург во Вашата држава. Доколку во Вашата држава нема амбасада на Луксембург, истите апликации може да Ви ги обезбеди Холандската или Белгиската амбасада.
Постапка за апликација за дозвола
За апликацијата одредени документи мораат да бидат обезбедени, како што се пасош кој е со важност до одреден датум по пристигнувањето, изводи од матична книга за сите членови на семејството, потврда за склучен бракот или развод, доказ за финансиските средства и доказ за примем на училиште или универзитет за ученици и студенти. Повеќето од документите ќе треба да бидат преведени.
Вообичаено се добива дозвола за три месеци по поднесувањето, доколку сите документи се валидни и апликацијата е комплетирана.
Според Европската служба за вработување, дозвола за престој ќе Ви биде доделена доколку не го нарушувате приоритетот кој го имаат европските граѓани, Вашето вработување ќе служи на економските интереси на земјата, ги имате потребните технички вештини, а конкурс за кој е потпишан договорот е одобрен од ADEM (Управа за вработување).
Лична карта
Секој со намера да престојува во период подолг од една година, ќе треба да аплицира за лична карта како странец и да се регистрира во локалната администрација. Администрацијата ќе Ви издаде лична карта, но претходно ќе Ви даде листа со потребни документи. Потребните документи на листата варираат во зависност од општината, но постојат некои заеднички точки кои се појавуваат на сите листи. Обично ќе се очекува да имате пасош преку кој сте добиле дозвола за привремен престој, дозвола за работа или доказ за финансиските средства, три фотографии со големина како за пасош, лекарско уверение, потврда за промена на адресата и таксена марка.
Таксените марки треба да ги добиете од Enregistrements et Domaines канцеларијата, која е оддел на Министерството за финансии и обично се нарекува l’Enregistrement. Ваква канцеларија нема во секој град, но тоа можете да го сторите во најблиската канцеларија до Вашето место на живеење. Државјаните на ЕУ имаат право на бесплатна таксена марка. Граѓаните на Северна и Јужна Америка, Сингапур и Хонг Конг плаќаат околу 10 евра, а државјаните на сите други земји плаќаат околу 30 евра.
Откако ќе ја поднесете Вашата апликација за лична карта, можете да очекувате дека процесот за издавање ќе трае околу една година. Немојте да се изненадите доколку добиете повик од локалната полиција. Тие можат да Ве исконтактираат за да Ви постават неколку рутински прашања или за да ги проверат Вашите информации
Секое лице на возраст над 15 години мора постојано да носи со себе лична карта или пасош, со што ќе се докаже нивниот правен статус или престој во земјата.
Државјанство на Луксембург
Пред законските измени, странците кои сакале да аплицираат за државјанство, најпрво требало да се откажат од постоечкото. Повеќе овие правила не важат.
За да станете граѓанин мора да имате најмалку 18 години, да сте живееле во Луксембург најмалку 10 години и да ги зборувате сите три национални јазици (француски, германски и луксембуршки). Алтернативно, можете да аплицирате за државјанство по пет години живеење во Луксембург, ако имате врски со земјата преку раѓање, посвојување или брак.