Со цел да им помогне на новодојденците, градот Женева донесе одлука да ги преведува административните документи и информативните флаери на повеќе јазици кои се зборуваат во градот, меѓи кои англиски и албански јазик.
Градот ја објави оваа одлука на својата веб-страница, истакнувајќи дека секоја година повеќе од 20.000 странци се доселуваат во Женева.
„Повеќејазичноста претставува потреба за град како Женева, а јазикот не треба да биде пречка за добивање одредени услуги“, се вели во соопштението.
Женева одлучи клучните документи да ги преведува на пет јазици кои најчесто се зборуваат во овој град, покрај францускиот. Освен на англиски, документите ќе се преведуваат и на португалски, шпански, албански и арапски јазик.
Недостатокот на официјални информации на англиски јазик долго време беше проблем во Женева, кој е дом на европското седиште на ОН, како и повеќе од 40 меѓународни организации, кои англискиот го користат како службен јазик.
Членовите на градскиот совет, на чело со градоначалничката Естер Алдер, признаа дека Женева има потреба од вакво нешто, со оглед на тоа колку странци живеат во градот.
„Искуството покажа дека преводите на основните документи, ја олеснуваат интеграцијата и позитивно влијаат врз доселениците, кои потоа можат полесно да ги остваруваат своите права и обврски кон заедницата.“
Преведените документи ќе вклучуваат информации за она што треба да го направат странците по доаѓањето во Швајцарија, а во прилог ќе има и информации за дневните центри за згрижување на деца, јавните служби, културните центри, библиотеки и слично.