Пред да почнам да го пишувам текстот, би сакалa да им се заблагодарам на Емигрико што ме поканија да напишам гостинска статија за нивната веб страна. Предлогот е да напишам нешто за тема која моментално е многу актуелна на Балканот – живот во туѓа земја или во мојот случај живот во Германија. После 24 години поминати во Македонија, 13 во Германија, можам ли да кажам што е подобро? Ќе се обидам!
ЈАС и мојот живот во Германија!
Намерно нагласив „јас“ затоа што целта на оваа статија не е да ве убеди да останете или да заминете, туку да го опишам моето искуство и како изгледа животот во Германија од моја гледна точка.
Мојата приказна започнува на крајот на 2010 година, кога го запознав мојот сегашен сопруг во Скопје. Кога ми кажа од каде доаѓа, првата реакција беше лавина од смеа. Зошто? Затоа што најомразениот предмет во средно ми беше германскиот. Кога само ќе се сетам колку се радував на последниот час по германски – бев сигурна дека никогаш повеќе нема да изговорам ниту еден збор од тој јазик. Мало морген! 🙂
Во исто време, на деловен план, сè одеше како подмачкано – остана само да го положам државниот испит и требаше преку врски да добијам постојано работно место во училиштето каде што работев како замена. Сите го знаеја ова – затоа изненадувањето беше уште поголемо, бидејќи успешно го положив испитот, а неколку дена подоцна директорот ги извести колегите на состанок за мојата одлука – дека ги оставам и да заминувам во Германија! Доколку сами се одлучите на тој чекор, немојте да се чудите од она што можеби ќе го слушнете од колегите – гласни критики дека сте се образувале на државна сметка, а сега кога сте можеле да и вратите на државата, заминувате!
Ќе излажам ако кажам дека ми беше сеедно кога ја ја слушнав забелешката, но во тој момент ништо не можеше да ја поколеба мојата одлука.
Најтешкиот дел од се беше соопштувањето на одлуката на моето семејство. Разделбата со нив беше тешка, но не само тогаш, туку и денес. Но, со текот на времето прифатив дека едноставно мора да биде така.
Првите денови во новата земја
Денес Германија е отворена за сите кои сакаат да дојдат тука и да започнат нов живот. Предноста е голема во однос на оние кои доаѓаа пред години и мораа да се вратат поради неможност за добивање виза. Денес вие сте тие што одлучуваат дали ќе останат или ќе се вратaт дома.
Првите денови во нова земја се слични на сите нови ситуации што ги започнувате во животот – како што се започнување заеднички живот, родителство, преселба во друг град во вашата земја… Имате чувство дека сте изгубени во времето и просторот, час среќа , час тага или несигурност, тука е и прашањето дали го направивте вистинскиот чекот. Колку време е потребно, во голема мера зависи од вас. Ако започнете да го учите јазикот веднаш, активно да барате работа или веднаш започнете да работите, ќе си помогнете сами да почнете да уживате во вашиот нов живот.
Една од најголемите пречки кога размислуваат за преселба за многумина е јазикот. За да се уверите дека сепак не е „научна фантастика“, почнете да го учите јазикот од дома, преку интернет, од книги итн.
Веќе научените основи можат да ви помогнат во првите денови. Секогаш имајте на ум едно нешто, не сте ниту првиот ниту последниот странец кој влегол во земјата без да го знае јазикот. Кога ќе слушнете како зборуваат некои школски деца кои се родени таму, ќе сфатите дека воопшто немало место за паника. Курсевите ги платив приватно, чинеше доста, но денес тоа го гледам како инвестиција во себе, во моето образование и таквите инвестиции никогаш не се залудни.
Подоцна се зачленив во библиотека и за годишна членарина од 20 евра можев да го учам јазикот онлајн бесплатно. Таа опција е за секоја пофалба! Покрај можноста за приватно плаќање на целата сума, во секој град има курсеви за интеграција кои се субвенционирани од државата, па дефинитивно вреди да прашате дали имате право на нив.
Како зборувам денес? Некогаш зборувам толу добро и самоуверено па дури се чудат дека не сум германка, друг пат едвај можам да објаснам нешто со раце и нозе. Се зависи од соговорникот. Некои со задоволство ќе скокнат и ќе ви помогнат кога ќе видат дека се мачите, други ќе ви покажат дека ги нервира вашето само просечно познавање на јазикот.
Дали таму паѓаат € од небо?
Јас тоа го чекам 13 години, но морам за жал да забележам дека, барем во мојот град, тоа сè уште не се случило. Не, кој сака да заработи мора да работи. Единствена предност во однос на Македонија на пример е тоа што има работа, а ако чесно си ја работиш работата ќе земеш плата на крајот на месецот.
Прашање е само дали ќе најдеш работа во струката, или како мене (со диплома во плакарот) ќе најдеш работа за која не е потребна квалификација. И тука треба да сте отпорни, затоа што во татковината ќе има барем еден член од семејството, пријател или познаник кој со подбив ќе те потсети колку години потрошил во школовање за сега да го правиш тоа што го правиш и слично.
Знам, и пак велам, од едното уво влегува, од другото излегува. За мене лично е поголем срам да не сакаш да правиш ништо, отколку да го правиш тоа што моментално имаш можност да го направиш. Како што минува времето, ние стануваме се посигурни во себе, го прошируваме кругот на познаници, што ја зголемува можноста за наоѓање подобро работно место.
Таму сте со добар стандард!
Стандардот е најчесто споменуваниот збор што го слушам секогаш кога доаѓам на годишен одмор. Постојано се прашувам, што значи „стандард“? Дали тие „висок стандард“ возат нови автомобили ? Дали живеат во свој имот? Дали го имаат најновиот паметен телефон? Дали седат во кафулиња секој ден?
Тоа е стандардот? Добро. Тогаш моето семејство има многу низок стандард. Нашиот автомобил наскоро ќе го прослави својот 10 роденден (да, да, 10 години, а ако ни служи, би сакале да го возиме барем уште толку). Живееме како станари и така ќе останеме. Последен пат бев во кафуле… да пресметам, пред 13 години. Па од каде луѓето таква слика за странци и високи стандарди?
Како нема да мислат така, кога ќе го видат соседот Роберт како доаѓа на годишен одмор со ново скапо БМВ по само неколку месеци поминати во Германија. Никој не го знае и не го гледа фактот дека Роберт работи напорно дење и ноќе, собрал неколку илјади евра, отишол во банка и подигнал кредит и се задолжил до гуша во долгови.
Неговата сопруга, пак, на гости го кани целото маало да им покаже како на висока нога живеат „странците“, а патем да им го покаже и планот на новата куќа што ќе ја градат – во татковината. Во Германија и понатаму ќе се стискаат во еднособен социјален стан, но животот во Германија е прекрасен!
Верувајте ми, стандардот во Македонија и Германија не е многу поразличен. И тука има такви кои имаат многу, и оние кои копаат низ ѓубрето барајќи храна да јадат. Има и такви кои се дават во заеми и долгови, и такви кои живеат скромно и според своите можности.
А друштво, излегување ?
Се сеќавате ли кога последен пат отидов во кафуле? Одамна, да. Се излегува и овде, би било лага да се каже поинаку, но кога ќе се сетам кога бев во Македонија, и ќе споредам со моите колеги овде, нема многу журки или одење по кафичи.
Повеќето колешки од работа се моја возраст, без деца, повеќето без постојана врска. Кога ќе ги прашам во понеделник што правеле за викенд, секогаш е исто – тие беа дома и гледаа телевизија, читаа. Кафулињата, на пример, се затворени наутро, само попладне.
Излегуваат и тие, да не испадни сега дека воопшто нема кафулиња или дискотеки или дека се празни, но споредено со она што го знам од Македонија, ова не може да се спореди со она како си поминувавме во татковината. Веројатно тоа е поради добриот стандард за кој зборуваат другите ;).
А она што можеби веќе сте го слушнале, дека Германците се ладен народ, е вистина. Кај нив се е по план и распоред, однапред програмирано, понекогаш ми се чини дека живеат како роботи. Тие не се многу гостопримливи, добро ќе се најдат и напијат кога се поканети кај странци на гости. Ако ве поканат да ги посетите, тогаш немојте да се чудите ако ве пречекаат со замрзната торта (иако сте поканети пред 10 дена) и чаша вода (од искуство :D). Има различни, исто како нас.
Но, странците не доаѓаат овде за да бидат омилени и сакани од локалното население. Тие доаѓаат овде да најдат работа, подобар живот или, како мене, на пример, да бидат со некој близок.
И конечно: одговорот на прашањето од почетокот на статијата, каде е подобро, во Македонија или во Германија? Најдобро е таму каде што човекот е дома и со тело и со душа. Јас сум во Германија, а треба вие да ми пробате и да ми кажете.
Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.