Не дојдов во Америка ниту како бегалец, ниту пак за да се придружам на семејството тука. Почетокот на мојот живот во оваа земја го должам на две работи: брилијантниот ум на татко ми и еден многу посебен документ.
Татко ми беше статистичар познат во неговото поле на теоријата за веројатноста, и во 1975 година, Државниот универзитет во Флорида му понуди работа како професор. Тој го прелета светот со неговиот индиски пасош и стекна влез во Америка преку визата наречена Н-1, резервирана за луѓе како татко ми – луѓе кои поседуваат посебни вештини.
Подоцна аплициравме за постојан престој, татко ми стана професор во пензија и во 2008 година, јас гордо станав американски државјанин.
Визата Н-1 е дизајнирана за да привлече паметни луѓе кои се сметаат за најдобри и најпаметни во целиот свет, па Америка им нуди можност да ги пополнат празнините во работната сила. Јас сум директен корисник на оваа програма.
Во 1990 година, визата беше преименувана во Н-1В – таа започна да напредува со брзо темпо заедно со подемот на Силициумската долина. Повеќето вакви визи се доделуваат на технолошки работници, меѓутоа и на работници во поле на здравството и науката. Денес, скоро 70% од оваа виза се доделува на индиски државјани.
Без оваа програма, иновацијата ќе страда и Америка ќе ја изгуби својата конкурентна предност. Доколку погледнете неколку старт-ап компании, сигурно ќе најдете талентирани луѓе кои успеале да дојдат во Америка токму преку Н-1В визата. Во оваа елитна група спаѓа и Мајк Кригер, еден од основачите на „Instagram“.
Но, во последниве години, програмата се соочи со злоупотреби и измами. А сега, со Доналд Трамп во Белата куќа, Н-1В се соочува со oстра и строга контрола. Во април, Трамп ја потпиша „Buy American and Hire American“ извршната наредба која е дел од овој амбициозен план да се вратат 25 милиони американски работни места. Претседателот обвини дека носителите на овој вид на виза ги украле работните места во Америка, а неговата наредба ја има за цел токму оваа програма. Како што вели тој, визата никогаш не треба да се користи за замена на Американците.
Како што ги прочитав острите зборови на Трамп започнав да се запрашувам: Како може виза одговорна за успехот на моето семејство да е контроверзна? Кој ќе победи? Кој ќе изгуби? Дали навистина е лоша за Америка?
Преку моето истражување дознав дека визата, посакувана од илјадници луѓе во светот, е навредлива и критикувана од многумина во Америка.
Идејата позади Н-1В е иста долги години. Таа уште е спонзорирана од работодавачот и привремена – со неа работникот може да работи три години, а потоа може да продолжи уште три. После тоа, сопственикот мора да се врати дома, освен ако работодавачот го спонзорира за постојан престој – подобро познато како зелена карта.
Секоја година, Сервисот за американско државјанство и имиграција издава 65.000 Н-1В визи за кандидати со диплома за специјални професии. Други 20.000 се резервирани за оние со магистратура или докторат од американски универзитет. Денес голем број работодавци би сакале бројот на визи повторно да се зголеми.
„Најглупавата политика во целиот американски политички систем беше лимитот на Н-1В визи“, изјави Ерик Шмит, извршен директор на матичната компанија на „Google“, „Alphabet“. „Правилно водење на компанијата е тогаш кога компанијата ги има најдобрите луѓе“.
Оваа година, на 1 април, започна процесот на апликација. Четири дена подоцна, процесот беше завршен. Сервисот за државјанство доби 199.000 петиции за виза од работодавците – далеку повеќе отколку што законот дозволува.
Поради високиот број на апликации, визите беа распределени со лотарија. Тука започнува проблемот. Ако намерата е да се добијат работници за да се пополнат специјалните професии, тогаш зошто владата користи произволен метод, како што е лотаријата? Иако сите во лотаријата се квалификувани, шансите се големи да изгубат некои подобро квалификувани кандидати. Друг проблем е тоа што работодавците треба да бараат странски работник само кога не можат да пронајдат квалификуван Американец за таа работа. Но, не функционира на тој начин.
Големите фирми неправедно го поплавуваат процесот со барања за Н-1В визи. Најголемите приматели се аутсорсинг компании како „Cognizant“ и „Infosys“. Работодавците не мора да документираат дали побарале или не Американец за таа позиција. Тие најчесто бараат визи за да заштедат пари. Н-1В работниците добиваат просечна плата врз основа на работата и локацијата. Но, истражувањето од „Hira“ покажа дека работодавците ги вработувале странските работници со почетна плата, а не просечна плата.
Отпуштен и принуден да ја обучува замената
Крег Дианеџло го изгубил работното место поради странски работник кој добил Н-1В виза.
И не само што го изгубил работното место за помалку вешт и помалку квалификуван работник чија плата била пониска од неговата, туку тој морал и да го обучи.
Реформаторите за Н-1В сакаат одговорност. Велат дека е потребно од американските компании да се бараат документи за барање на Американци за пополнување на работното место. Работодавците мораат да ги платат актуелните плати со цел да се спречи аутсорсинг на Н-1В работните места.
Оние кои бараат реформи бараат систем за надгледување и спроведување на прописите на Н-1В.
За повеќе вакви и слични теми придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Америка