Познато е дека Швеѓаните се мошне образован народ, па нема да ви биде многу тешко да најдете некој кој зборува англиски, затоа што повеќето луѓе во Шведска го зборуваат овој јазик. Но, доколку сакате да живеете во оваа земја, бидете спремни да се соочите со тешкотии во секојдневниот живот доколку не го зборувате шведскиот јазик.
А еве со какви проблеми најмногу се соочуваат доселениците:
1. Пакување на храната
Gräddfil? Grädde? Långfil? Mellanmjölk? Веројатно немате поим што значат овие зборови. Но, ако сакате да пазарувате во супермаркет, тогаш ќе мора да ги научите. Повеќето странци во Шведска, изјавиле дека имаат најголем проблем со разликување на млечните производи. Декларациите на храната се обично напишани на шведски. Но, тоа не е сè. Ако веќе има превод на други јазици, тогаш тие се напишани на дански, фински, или норвешки.
„Само нордиски јазици? Сериозно? Зарем навистина е потребен превод од шведски на норвешки?“, се пошегува Триша Хартман која е доселеник од САД.
2. Јавен превоз
Иако Стокхолм направи подобрувања во операторите во јавниот превоз, сепак повеќето странци изјавиле дека известувањата на железниците во Шведска, се најчесто на шведски. Името на станиците и известувањата за билетите се на англиски, но ако нешто тргне наопаку, пожелно е да разбирате шведски.
3. Здравствена заштита
Шведска е меѓу државите со најдобар здравствен систем, но овде англискиот јазик ќе ви биде бескорисен.
„Непознавањето на шведскиот јазик е најфрустрирачки ако имате потреба од здравствена нега. Без разлика дали станува збор за отворање на веб сајтовите на шведските поликлиники, чудејќи се кое копче да го притиснете, или едноставно закажување на преглед. Опција за англиски јазик скоро и да не постои“, вели Дајен Ливли која од неодамна е доселена во Шведска.
„Сите лекари зборуваат на англиски, но по две минути, веќе почнуваат со шведски“, вели Лиза Ферланд. „Па така останувам зачудена и си мислам – Добро, сфатив дека треба да направам крвна слика, но за каква цел точно?“
4. Паркинг и сообраќајни знаци
Не е реткост странците да имаат проблем со сообраќајните знаци и обележувања, особено ако се возачи. Знаците најчесто се напишани на шведски, па треба да бидете прилично внимателни за да не добиете казна.
5. Часови за возење
Ако сакате да бидете возач во Шведска, прво треба да добиете возачка дозвола. А за тоа, потребни се часови. Но, проблемот е тоа што часовите се на шведски.
„Откако се преселивме тука, мојата сопруга успеа да најде автошкола која нуди часови на англиски јазик. Или барем така рекоа…“, вели Дакс Баладарес. По првите два часа, сфатил дека тоа е далеку од точно.
6. Противпожарни апарати, аларми и друга безбедносна опрема
Во итни случаи како што е пожар, нема да имате време за да отворите речник. Затоа научете шведски. Противпожарните апарати, аларми и други безбедносни уреди, имаат упатство за употреба кое е напишано на шведски. Исто така, не сите хотели и ресторани даваат известувања на англиски јазик, кога ќе се случи нешто такво.
7. Банки и даноци
Мобилното банкарство, како и сите банкарски апликации се достапни само на шведски. Кога се во прашање даноците, Даночната агенција (Skatteverket) нуди и формулари на англиски, но нив не можете да ги најдете онлајн. На интернет има упатства на англиски за тоа како да ги пополните формуларите, но не можете да го најдете и самиот формулар. Чудно, зар не?
8. Информирање преку интернет
Општинските веб-сајтови најчесто се напишани исклучиво на шведски. Но, иако владините сајтови нудат опција на англиски, многу од нив имаат само делумни информации во скратена форма.
9. Политика
Секако дека политичарите не треба да ги спроведат сите дебати на англиски јазик, но можеби треба да има записници и преводи достапни на интернет. Сепак, доселениците ги засега и политиката во државата.
За повеќето странци, шведскиот јазик не е нималку лесен да се научи. Но, доколку сакате да живеете во оваа држава и полесно да се вклопите во нејзиното општество, тогаш препорачливо е веднаш да почнете со часови.
За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Шведска