Илјадници млади луѓе во Косово се подготвуваат да одат на работа во Германија, која има недостиг од здравствени работници, па земјата што прогласи независност од Србија пред 14 години може да остане без работна сила во некои сектори.
Арбен, 26-годишен физиотерапевт, седи во задниот ред на автобус од правец на Урошевац, град во југоисточниот дел на Косово. На мобилниот телефон има инсталирана апликација за учење странски јазици „Duolingo“, па учи германски додека се вози до родното село.
„Учам германски бидејќи наскоро ќе одам во Штутгарт“, вели Арбен за хрватската новинска агенција Хина, додека ги решава задачите за почетници наљ неговиот мобилен телефон.
Никогаш не бил во Германија, но штом му понудиле работа на својата струка не се двоумел. Германија и Швајцарија имаат недостиг од медицински персонал, па Арбен ќе добие договор на неопределено време и се надева дека ќе остане трајно.
„Никогаш нема да се вратам“, вели тој.
Арбен е еден од повеќе од 50.000 Косовари кои во моментов чекаат виза за Германија, според аналитичарите во Косово.
Како да се преживее
Во Призрен, град на југот на земјата, покрај реката има шеталиште чии брегови се поврзани со стар камен мост. Таму се шетаат неколку брачни двојки со деца, а група странски туристи се искачуваат по ридот кон ѕидините на локалната тврдина. Но, кафулињата и рестораните се празни.
„Луѓето размислуваат како да преживеат“, вели локален економист кој сакаше да остане анонимен. „Цените вртоглаво пораснаа откако започна војната во Украина“, додава тој.
Некои млади луѓе работат привремено во кафулиња и фабрики додека не добијат виза за заминување во странство.
Наскоро нема да остане кој да работи на одредени професии“, предупредува економистот. Тој вели дека 65.000 Косовари во моментов чекаат работна дозвола за Германија.
Во 2008 година Косово еднострано прогласи независност од Србија, а сега и Албанците и Србите ја напуштаат земјата со 1,8 милиони жители кои бараат работа во странство.
„Толку крв е пролеана, а на крајот никој нема да остане“, резигнирано вели 37-годишниот Мирослав во село со српско население. Тој се занимава со европски програми за размена на млади.
„Младите луѓе имаат оправдани причини да го напуштат Косово бидејќи политичарите, поради немањето идеи за решавање на економските проблеми и подигање на стандардите, го користат медиумскиот простор за препукување и враќање во минатото“, вели тој.
Како причини за заминувањето на младите ги наведува „ниските плати во приватниот сектор, лошите услови за работа, работата без договор, кратење на годишен одмор и лошата политичка безбедносна ситуација“.
Лекари во странство
Призрен е само едно од местата каде што пристигнуваат донации во последните години, па градскиот водовод го финансираше Германија, а детските игралишта Шведска.
Локален економист, кој работел на проекти финансирани од странство, се жали дека многу странци одговорни за реализација на проекти биле корумпирани.
„Тие земаа многу пари за себе за високи плати и други бенефиции наместо парите да се трошат на она за што беа наменети“, вели тој.
Од Призрен, вториот по големина град, автобусите од 6 часот наутро ги носат работниците на работа во главниот град Приштина.
Таму е кабинетот на министерот за локална самоуправа, Елберт Красниќи.
„Ние како влада, се разбира, ја набљудуваме ситуацијата. Ние ги насочуваме политиките кон иднината за да им обезбедиме на младите доволно услуги овде“, вели тој.
„Но, овој тренд на иселување го видов и во Хрватска, во областа на Вуковар, од каде што луѓето исто така одат во Германија. Тоа е нормален процес, луѓето бараат подобри услови за живот“, додава тој.
Хрватска последна се приклучи на ЕУ во 2013 година, кога вратите на пазарот на трудот во блокот од 27 земји беа отворени за нејзините жители. Во последните десет години останала без околу 400.000 жители, според пописот на населението објавен во јануари.
Мирослав вели дека е „среќа за Косово“ што германската амбасада се соочува со доцнење во обработката на барањата за работна виза. Тој тврди дека од околу 50.000 барања месечно се обработуваат неколку стотини.
„Многу граѓани се лекуваат надвор од Косово поради лошата здравствена заштита, така што можеме само да ја замислиме ситуацијата за неколку години ако продолжи овој тренд на лекари да одат во Германија“, забележува тој.
Германската амбасада во Приштина на својата веб-страница ги замолува жителите да не доаѓаат без одобрен термин.
„Во моментов, побарувачката за термини го надминува капацитетот на одделот за визи, така што периодот на чекање за одредени видови визи е долг“, наведува Амбасадата.
Од Амбасадата не одговорија колку барања за работна виза моментално има и колку одобрува месечно.
Германија и Швајцарија избрани земји
Минатиот месец, Красниќи побара од Европската комисија да го прими Косово во Стратегијата на ЕУ за Јадранско-јонската област (EUSAIR), форум преку кој десет земји кои граничат со Јадранското и Јонското Море, или се наоѓаат во нејзината заднина, можат да повлечат пари од фондовите на ЕУ за заеднички проекти.
Србија, членка на EUSAIR, го блокира влезот на Косово како самостојна држава во таа иницијатива, што е првичен чекор кон потенцијалното членство во ЕУ еден ден.
„Многу млади луѓе би биле среќни да живеат овде во Косово и не би заминале како што тоа го прават многу години“, вели Красниќи. „Сакаме да ги вклучиме во туризмот и разни програми за соработка, за да не бараат работа во странство, туку да ја најдат тука“, додава тој.
Младите сакаат подобри услови за живот во Косово, чија независност ја признаа 22 од 27-те земји на ЕУ.
Таулиан, 18-годишен студент по стоматологија, минатото лето беше на одмор со пријателите во Трогир, Сплит и Дубровник.
Тој штотуку се врати со автобус од универзитетот од македонскиот град Тетово во родниот Призрен.
„Овде нема многу можности за младите, па сите сакаат да одат во Германија и Швајцарија“, вели тој на автобуската станица. „Но, не сакам да одам на работа во странство. Сакам да останам во мојата татковина“, забележува тој.