Весна е само една од многуте луѓе од Македонија која маката ја натерало да извади бугарски пасош за да може полесно да си ја побара среќата некаде во странство.
Нејзиниот избор беше Германија, а како што вели решила да извади бугарски документи бидејќи тоа било најлесниот начин да се збогува од сиромашниот живот што го имала во нашата земја и да си побара среќата како за себе така и за своето семејство. Таа во Германија замина заедно со нејзиниот сопруг, а на овој чекор се одлучиле за да можат да заработат пари за да ги школуваат на факултет нивните две деца. Тие се од едно помало место во Македонија, а на печалба во оваа европска земја најпрво заминал сопругот, па таа, додека нивните деца останале кај родителите на сопругот.
Некако уште од мали нозе мислевме дека земјите како Германија и Швајцарија се земји во кои тече мед и млеко.
Кога бевме деца, сите имавме по некој роднина во странство или познававме некој што има роднина преку границата. И секогаш кога тие ќе дојдеа во Македонија, ние мислевме дека доаѓаат од рајот, дека таму заработуваат големи пари за многу малку работа, дека живеат среќно на дофат до сите задоволства. Возат брзи автомобили, патуваат низ светот, живеат во луксузни апартмани и куќи во градови за какви ние можевме само да сонуваме.
Но да не се лажеме. Тоа не е воопшто така. Можеби некогаш порано навистина живееле така, но тогаш и кај нас, во времето на поранешна Југославија се живееше многу подобро. А денес ситуацијата воопшто не е таква.
Посебно откако почна кризата со короната. Но некои работи сепак останале непроменети. Оној што е вреден, и снаодлив, ќе успее многу полесно. И ако има среќа, а тоа најчесто се состои во тоа да има некој занает или професија која што се барани и добро платени, е тој можеби навистина ќе заработува многу пари и ќе живее живот на висока нога. Но таквите можат да успеат и во Македонија.
Од друга страна, ние, обичните работници, кои немаме некоја специфична професија за која што имаат потреба во оваа земја, ќе мора да работиме многу повеќе за да можеме нешто да тргнеме настрана. И кога велам многу повеќе, тогаш мислам на работа од утро до мрак, со мали паузи. Во спротивно парите што ќе ги заработиме нема да ни стигнат ни за нас, а камоли да заштедиме за дома. Јас и сопругот дојдовме тука за да можеме да заработиме за школување за нашите деца, но и да заштедиме за да ја реновираме куќата во Македонија. Живеевме во старата куќа на родителите на мојот сопруг, и со платите што ги имавме во нашата земја не можевме да закрпиме од први до први. И ако ни требаше некој апарат за домаќинство, моравме да земеме кредит, а потоа истиот одвај можевме да го враќаме. И така, се вртевме во круг.
Затоа решив да дојдам тука, во Германија. Но бидејќи не знам јазик, не можам да најдам многу солидна работа. Работам во кујна и платата воопшто не е голема, но заедно со сопругот некако се снаоѓаме. Тој работи со мајстори и е подобро платен од мене, но и тој работи речиси по цел ден.
И за овие неколку години, успеавме да заштедиме нешто, но верувајте тоа не се големи пари. Вистина, тие пари НИКОГАШ немаше да можеме да ги заштедиме во Македонија, но ние тука навистина живееме скромно и воопшто не се расфрламе за да можеме да тргнеме нешто.
Исто така можам да ви кажам дека и сите оние нашинци, кои кога ќе се вратат во Македонија оставаат впечаток дека живеат на висока нога, и ги возат „најскапите“ автомобили, тука ни од далеку не се однесуваат така. И тие како нас штедат пари, и не само што не се луксузираат со ништо тука во Германија, туку внимаваат на секоја паричка. Но затоа кога ќе се вратат во Македонија, што порано го правеа 2-3 пати во годината, глумат лудило и се прават дека се некоја елита, иако повеќето од нив тука се чувствуваат како граѓани од втор ред.
Сепак за тоа никој не сака искрено да зборува, но верувајте ми не постои лесен печалбарски живот. Но за тоа никој не сака да зборува, и дури откако ќе почувствуваш на своја кожа ќе знаеш од каде е она „тежок е животот печалбарски“.
Од една страна постојано работиш напорно за да заштедиш, а од друга – цел живот си странец и те боли кога и да размислуваш за дома.
Затоа многу пати кога ќе сретнам некој наш, и кога ќе се впуштиме во разговор, јас знам да кажам дека во Македонија живеев подобро од половина Германци што сум ги запознала тука, и затоа не планирам да останам во оваа земја. Ќе поработам уште некое време, и откако ќе заштедам уште некоја пара, со „првиот воз“ ќе се вратам во мојот роден град. И секако дека нема да бидам посиромашна од сега, затоа што богатството не е во парите, туку во нас, луѓето. И ако не го направам тоа, и останам да живеам тука, далеку од дома, знам дека еден ден ќе ми биде криво заради тоа.
Но тогаш ќе биде предоцна…