Што се случува на пазарот на труд во Македонија. Значителен пад на бројот на активни граѓани, a намалување има и кај вработените лица и кај невработените.
Бројките говорат дека за период од десет години, бројот на активни граѓани се намалил за над 160 илјади лица. Имено, во 2013 година активни биле 956.057 граѓани, додека во текот на минатата година спаднале на 791.647 граѓани.
Од друга страна кај бројот на вработени се бележат различни тенденции. Првично растела вработеноста, но последната година повторно се намалува. Во 2013 година имало 678.838 вработени граѓани, чиј број пораснал на 759.054 во 2018 година. Но, минатата година повторно се намалил на 688.296 вработени лица.
Ова го покажуваат бројките во анализата изработена од Државниот завод за статистика „Македонија во бројки“. Од податоците кои може да се видат дека има намалување и на бројот на невработените граѓани во земајва.
Па така од 277.219 невработени граѓани во 2013 година, нивниот број се намалил на 198.569 лица во 2018, додека минатата година спаднал на само 103.351 лице.
Она што зачудува е што покрај намалувањето на бројот на невработени, нема раст на вработените граѓани, туку има намалување кај лицата кои се активни на пазарот на труд.
Ваквите бројки се уште еден сигнал за масовното иселување од земјава, но може да бидат и знак дека се повеќе граѓани работат без да бидат пријавени, или пак се насочуваат кон сеознски работи, од кои дел се во странство.
Статистичарите посочуваат дека во периодот 2013 – 2023 година, стапките на активност, вработеност и невработеност бележат промени од година на година.
– Во последната година од овој период, стапката на активното население кај мажите бележи намалување од 4,9 процентни поени во однос на 2013 година. Највисока стапка на вработеност од 45,4 е забележана во 2023 година, додека најниска стапка на невработеност од 13,1 е забележана исто така во 2023 година.
Повисока стапка на вработеност во овој период се забележува кај мажите (53,2 отсто), што рефлектира поголемо учество на мажите во вкупниот број вработени. Стапката на вработеност кај жените во текот на периодот бележи исто така зголемување од 5,4 процентни поени во однос на 2013 година – посочуваат од ДЗС.
Пред кратко време ревизорите посочија дека државата губи милиони поради иселување на интелектуалците од Македонија, но и дека слабо се реализираат мерките и програмите за намалување на иселувањето. (линк)
– Од вкупно емигрираните лица, само високообразованите кадри кои емигрираат, просечно годишно ја чинат државата приближно 5 милијарди денари или 0,8 проценти од БДП. Во периодот 2013-2021 година државата инвестирала вкупно 44,7 милијарди денари (726 милиони евра) во целокупното образование на високообразованите лица кои емигрирале. Овој износ го вклучува нивното основно, средно и високо образование – се наведува во ревизорскиот извештај „Ефективност на мерките за спречување на одливот на високообразовани и стручни кадри“.