Ако имате конкретна понуда за работа во Германија, може да добиете т.н. “Сина карта ЕУ”. Тоа е комбинација од дозвола за престој и работа во земја членка на ЕУ. Но, како да стекнете право на овој документ?
Сината карта се доделува на лица на кои им е понудена бруто плата од најмалку 46.400€ годишно. Заклучно со 1 август 2012 година, олеснети се законските предусловите за стекнување работен однос на високо квалификувани стручни лица во Германија. Целта е Сојузна Република Германија да стане попривлечна за добро образовани странски доселеници. Новиот назив за тој вид престој официјално се вика „Сина карта ЕУ“, а покрај тоа исто така се воведе и посебна дозвола за престој наменета за барање работно место.
Сината карта се применува за сите професии и занимања, но практично не се доделува на експерти во областа на општествените науки. Кога станува збор за други професии и занимања, тие се групирани во МИНТ – кратенка која означува математика, информатика, природните науки и технологија. Оние кои спаѓаат во оваа група, имаат предност во однос на општествените науки. Во нивниот случај, сина карта може да им се додели и на оние на кои им е понудена бруто плата помала од горенаведената сума.
Предуслови
„Сина карта ЕУ“ може да добие оној кој во Германија има завршено високо образование. Доколку високото образование не е стекнато во Германија, тогаш зависи дали дипломата во Германија е призната или ќе се врши испит за споредување на стручната квалификација. Информации во врска со испитот за споредување на стручната квалификација и признавањето на странски дипломи можете да најдете овде.
Важноста на картата
При првото издавање, картата има траење на поднесениот работен договор плус три месеци, но најдолго со траење од четири години. Доколку работниот однос продолжи, поседувачи по 33 месеци може да добијат дозвола за трајно доселување. Ако се докаже познавање на германскиот јазик од степен Б1, дозволата за трајно доселување може да се издаде веќе по две години. Брачните партнери и децата на поседувачот добиваат дозвола за престој без докажување на познавање на германскиот јазик.
Што ако немате конкретна понуда за работа?
Ако немате конкретна понуда за работа, можете да побарате на лице место. Тоа значи дека можете да добиете виза во времетраење од шест месеци, со цел да барате работа. За добивање на таква виза, условите се следни:
– доказ за завршување на високо образование
– доказ дека за време на Вашиот престој во Германија ќе можете сами да се издржувате
Дали Македонците можат да добијат ваква карта?
„Секако дека и Македонците се добредојдени! Овој инструмент – сина карта, е така формулиран да им даде шанса токму на високообразованите и специјализираните кадри од земјите кои не се членки на Европската унија“, изјави за Дојче Веле д-р Бернхард Хајцер, државен секретар во Сојузното Министерство за економија и технологија.
„Во Германија имаме огромен недостиг на инженери, но и на експерти од многу други бранши. Битно е што луѓето кои со сината карта ќе пристигнат во Германија, со себе ќе може да ги донесат и своите семејства. Значи, ќе ја имаат потребната поддршка од германските институции околу сосема практични работи како што е визата, што за многумина кои не се од Европа, а претпоставувам и за Македонците, до сега претставуваше голема пречка. Јасно ни е дека луѓето немаат искуство со институциите во Германија. Згора на тоа, не го познаваат добро ни германскиот јазик, па затоа ќе ја имаат целосната поддршка, почнувајќи од помошта во обезбедување стан, сместување во градинки за децата, до учење на германскиот јазик. Познавањето на германскиот јазик секако е предност, зашто ако бирократијата говори англиски, работодавачите тоа го прават поретко“, дополнува Хајцер.
Најмногу шанси за сината карта имаат дефицитарните вработувања, меѓу кои, покрај инженерите, уште побарани се лекарите (пред сѐ специјалисти), научниците од сферата на природните науки, математичарите, информатичарите, но и медицинските сестри, водоинсталатерите, заварувачите. Сината карта се доделува за период од четири години и добра вест е тоа што е без ограничувања – со работна дозвола се здобиваат и членовите на семејството на носителот на сината карта. Поконкретни информации за сината карта може да прочитате овде.
На Германија ѝ требаат инженери. Ги повикувам и умните глави од Македонија да ја погледаат нашата веб страница www.tu9.de, и да се решат да студираат на еден од деветте најдобри технички универзитети во Германија (Ахен, Берлин, Брауншвајг, Дармштат, Дрезден, Хановер, Карлсруе, Минхен, Штутгарт). Секако дека секој почеток е тежок, но да се студира тука, а потоа да се добие и сина карта за работа – е навистина првата скала на една успешна кариера. Секој млад човек кој поседува квалитети и верува во себе, може да се обиде, без разлика дали доаѓа од мала земја како Македонија или од голема како Мексико или Бразил“, изјави за Дојче Веле Венио Пјеро Чинкве од ТУ9 од Берлин.