Сатја Грабулоски осум години црта патики за познати личности. Кристијано Роналдо, Дуа Липа и Мајли Сајрус се дел од големите светски ѕвезди за кои досега има направено обувки. Клиенти на неговата компанија „Свитхадот студиос“ (Swithadot Studios) биле и пејачот на „Уан рипаблик“, фудбалерот Серхио Рамос, како и продуцентот и диџеј Стив Аоки, со кого најави и деловна соработка, пишува Блумбер Адриа.
Грабулоски требало да црта патики и за Коби Брајант, но дента кога имал закажано состанок со тимот на Лос Анџелес лејкерс се случила хеликоптерската несреќа во која кошаркарот загина. Обувките за кои имал подготвено и скица никогаш не ги направил.
Минатата година Грабулоски доби поголемо медиумско внимание во светски рамки кога со своите соработници изработи специјални патики со ликовите на четворицата водители на спортското шоу за НБА, кое се емитува на ТНТ“ Поранешните американски кошаркари Шекил О’Нил, Чарлс Баркли и Кени Смит и коментаторот Ерни Џонсон му посветија четириминутен прилог во кој ја пофалија неговата работа.
Грабуловски и неговиот тим лани насликаа и копачки за Кристијано Роналдо. На нив е нацртан ликот на фудбалерот инспириран од првата фотографија што се појави во јавноста откако тој одлучи да се врати во Манчестер јунајтед. Испишани се и имињата на децата на Кристијано, а насликана е и трибината на сер Алекс Фергусон. Копачките биле цртани за музејот на Роналдо што се наоѓа во неговиот роден град Мадеира, но кога ги добил, рекол дека ќе му ги подари на синот Кристијано Јуниор.
Пробив на пазарот на инфлуенсери
Грабулоски е политиколог и магистер по маркетинг, но уште во средношколските денови знаел точно што сака да работи кога со маркер почнал да чкрта по своите бели платнени патики. На почетокот цртал и по 50 чифта обувки месечно, кои им ги подарувал на влијателни личности.
„Во тоа време пазарот со инфлуенсери сè уште се развиваше, а социјалните мрежи имаа различен ’рич’“, вели тој.
Првите познати личности во регионот што обуја негови патики и го поддржаа како уметник беа ракометарите Андреа Лекиќ и Тимур Дибиров. Во глобални рамки тоа беа членовите на електронскиот бенд „Свидиш хаус мафиа“ (Swedish House Mafia). Денес повеќе од триста светски ѕвезди поседуваат обувки што се негов производ.
Освен креативниот израз, низ годините најголем предизвик му биле боите – како да го заштити дизајнот да трае долго колку и штеповите на патиките. Во потрага по решение, наишол на деловен партнер со децениско искуство во производство на бои. Тие веќе петта година развиваат иновативна формула на перформанс бои, за кои тврди дека се 90 отсто потрајни од принт излезен од фабрика.
„Веќе сме на крајот на инвестицискиот циклус, кој надмина половина милион евра, и се надевам дека следната година нашите бои ќе бидат достапни во големите синџири на хипермаркети низ Европа и Америка“, вели тој.
Сериски дизајн за оние со ограничен буџет
Иако во изработката на обувките се вклучени повеќе професионални артисти, последниот збор секогаш го има Сатја. Времето на рачно сликање зависи од комплексноста на дизајнот, но и од димензиите. За изработка на еден чифт се потребни и до 200 часа тимска работа.
Како купувач најевтино ќе поминете ако се одлучите за сериски дизајн, кој Грабулоски и неговиот тим го работат максимум во 20 репродукции.
„Како и во секоја рачна работа, два чифта, иако со ист дизајн, не можат да бидат идентични, па и во овој случај купувачот добива уникатен производ, но со пониски цени, кои почнуваат од 550 евра“, информира тој.
Сепак, ако сакате дизајн Уан оф а кајнд (One of a kind), ќе мора да одвоите минимум 1.000 евра. Освен сертификат за автентичност, кој го добиваат сите клиенти, ќе добиете и писмо со детална елаборација на дизајнот, посебно дизајнирана кутија со вашето име, професионални фотографии од патиките и експресна 24-часовна достава секаде во светот. „Свитхадот студиос“ (Swithadot Studios) се обврзува дека нема да го повтори дизајнот во идентична форма, освен ако вие како носител на сертификатот не го побарате тоа. Најскапите патики со дизајн уан оф а кајнд (One of a kind) ги поседува играч во НФЛ-лигата. Едната обувка е покриена со 18-каратно злато и чинат над 10.000 евра.
За крај, Грабулоски ни откри дека во моментов работи на проект со „Алкалоид Скопје“, како дел од стратегијата за развој на брендот, кој на јавноста ќе ѝ го обелодени следната година. Во меѓувреме тој и неговиот тим се во потрага по партнер(и) за освојување нови пазари.
„Интересот за инвестирање иницијално е голем, што ме прави оптимист дека процесот ќе заврши успешно“, вели тој.