Ако сте љубители на крстозбори, судоку и решавање загатки воопшто, оваа е за вас. Нејзин изумител е наставник по математика, кој и по милиони продадени загатки и книги сепак вели – дека времето на КенКен допрва доаѓа.
Тецуја Мијамото денес има 61 година и предава математика во сопствено училиште „Математичка училница Мијамото“ во Јокохама. Во 2003 во склоп на наставната програма развил помагало за аритметика, логично мислење и трпение под името Кашикоку-Нару-Пазл, што буквално значи загатка која те прави поумен. КенКен, како што скратено се нарекува, од тогаше продадена во над 1,5 милиони копии во Јапонија, пренесена е во Европа и САД неколку години подоцна, а првиот турнир се држал во Брунклин во 2009 во присуство на самиот Мијамото.
Во краток документарец на Њујоркер (видео подолу) режисерот Даниел Саливан, кој прв пат слушнал за Мијамото откако неговата жена почнала да се натпреварува во КенКен, ја претставува оваа игра која се нарекува и „судоку на стероиди“. Исто како и во судокуто, играчот пополнува таблица со бројки, а ниту една цифра во редот или во колоната не смеат да се повторат. Но, има уште едно значајно правило – одреден број кутивчиња треба да дадат точна цифра, со собирање, одземање, делење или множење (операцијата е означена во нив).
Часот на Мијамото со децата, кои во филмот изгледаат како да се второ или трето одделение, изгледа вака: тој влегува, тие седнуваат и потоа во целосна тишина на негов знак почнуваат да решаваат КенКен. Оној кој ќе биде готов крева рака – Мијамото го проверува листот и или вели „точно“ или „одбиено“. Не се кажува ништо повеќе од ова. Неговиот метод самиот го нарекува „предавање без предавање“.
Иако тој повеќе сака луѓето да ги решаваат загатките на рака, без посредство на екрани и телефони, сепак се согласил да се направи Кенератор – компјутерски генерирани верзии кои сега ги решаваат луѓе низ цел свет. Во филмот зборуваат луѓе кои решаваат загатки како професија, но и такви кои едноставно се навлекле на ваквиот начин на решавање и на мислење.
Mијамото, кој како мал се досадувал на училиште, смета дека целта на учењето (математика, и воопшто) е човековата среќа – остварување на целосниот потенцијал на поединецот. За тоа, секако, е потребен напор, и „нервозна атмосфера“ која ќе поттикнува. Иако самиот воопшто не делува нервозен, точно такви се оние кои се натпреваруваат во решавање на КенКен во живо. Според него ниту една машина или апликација нема да може да ги замени неговите креации, кои тој едноставно „ги гледа“, а не ги планира. Зошто? „Затоа што машината нема срце“.