Летниот распуст започна, а меѓу родителите секоја година во овој период актуелна е темата за времетраењето на летниот распуст на учениците. Сите го споделуваме споменот на долгите, топли и безгрижни лета. Многу родители се согласуваат дека учениците заслужуваат долг одмор од училиштето, иако за многумина е проблем што не знаат како да организираат грижа за децата во текот на летото, особено ако не можат да се потпрат на бабите и дедовците.
Има и такви што сметаат дека летниот распуст е предолг и дека тоа лошо се одразува врз училишниот успех бидејќи сметаат дека во периодот од речиси 3 месеци децата забораваат голем дел од училишниот материјал.
Мислењата на истражувачите се поделени во однос на ова прашање, но интересни се податоците од едно американско истражување од 2020 година кое покажува дека просечниот ученик губи 17-34 отсто од стекнатото знаење за време на летниот распуст.
Тоа значи дека со почетокот на новата учебна година мора да одвои одредено време за да се надополнат овие „заостанати работи“. Овие податоци, секако, треба да се земат со резерва бидејќи се однесуваат на американскиот образовен систем, а треба да се има предвид важноста на социолошките и економските фактори, но и самото времетраење на летниот распуст. Подолу пренесуваме интересни факти за разликите во времетраењето на летните училишни одмори во земјите низ светот.
Македонија
Учениците во Македонија се распуштаат на 10 јуни и нивниот распуст трае до 31 август. На 1 септември сите се враќаат во училишните клупи. Тоа значи дека македонските ученици имаат речиси 3-месечен летен распуст.
Хрватска
Во хрватските училишта летниот распуст трае околу 10 недели и е во исто време за учениците од целата земја. Годинава започна на 23 јуни и ќе трае до 5 септември кога почнува новата учебна година.
САД
Во САД датумите за почеток и крај на летните одмори зависат од округот во кој се наоѓа училиштето. Во северните држави наставата обично завршува кон крајот на јуни, а новата учебна година започнува во среда по Денот на трудот (се слави во првиот понеделник во септември). Во јужните држави, летниот одмор започнува во мај и завршува во август. Времетраењето варира помеѓу 2 и 3 месеци.
Австралија
Летниот распуст во Австралија трае 6 недели и е во периодот меѓу декември и февруари и ги вклучува божиќните и новогодишните празници, а датумите на почеток и крај на празниците не се исти низ целата земја.
Германија
И во Германија летниот распуст трае околу 6 недели, и не е ист во сите држави: најрано се почнува во средината на јуни и трае до крајот на јули, а најдоцна се почнува од крајот на јули и трае до почетокот на септември. Регионални варијации поврзани со терминот летен одмор постојат и во други земји на ЕУ како Франција, Шпанија, Австрија, Холандија, Словачка итн.
Швајцарија
Во Швајцарија има значителни разлики во времетраењето на летните одмори во различни кантони и тоа варира помеѓу 5 и 10 недели. На пример, во Цирих почнуваат во средината на јули и завршуваат во средината на август, а во Тичино траат од крајот на јуни до почетокот на септември.
Индија
Во Индија има и регионални разлики кога станува збор за летниот распуст, а тие најмногу се приспособени на локалните климатски услови на одредени делови од земјата. На север, наставата трае до средината на мај и започнува повторно на почетокот на јули, освен во областа Кашмир каде што летниот распуст трае само 10 дена (но зимскиот распуст е од средината на декември до крајот на февруари). Во централна Индија летниот распуст започнува во средината на април и завршува во средината на јуни, а на југ трае од последната недела од март до почетокот на јуни.
Јапонија
Во Јапонија летниот распуст започнува околу 20 јули и трае до крајот на август, по што наставата продолжува. Имено, јапонската учебна година не започнува во септември, туку во април, а трае до март и завршува со празници кои траат и до две недели пред почетокот на следната.
Јужна Кореја
Во Јужна Кореја структурата на учебната година е слична на онаа во Јапонија бидејќи започнува во март. Летниот распуст трае само 4 недели, а бидејќи корејскиот образовен систем често се наведува како еден од најдобрите во светот, се поставува прашањето дали за тоа придонесува и факторот за времетраење на одморот.
Финска
Финска е доказ дека не може да се воспостави едноставна врска меѓу пократките празници и успехот на учениците. Оваа земја редовно е покрај Јужна Кореја на самиот врв на рангирањето на најдобрите образовни системи, а летниот распуст во Финска трае околу 10 недели. Тој почнува кон крајот на мај или почетокот на јуни, а учениците се враќаат на училиште во средината на август.
Кои земји имаат најдолг летен распуст?
Во Европа, Албанија е земја со најдолг летен одмор, кој трае до 15 недели во основните училишта. Следуваат Италија и Португалија со распуст од 11 до 14 недели. Некои од земјите каде што учениците имаат 14 недели летен распуст се Турција, Романија, Египет, Либија, Панама и Оман. Тука негде е и Македонија со 11-неделен летен распуст.
Времетраењето на летниот училишен распуст, меѓу другото, зависи и од структурата на другите распусти во текот на учебната година, при што треба да се има предвид дека бројот на училишни денови не е ист во сите земји.
Во Македонија, наставата трае 180 дена, во Хрватска минималниот број на училишни денови е 175, а, на пример, во Јужна Кореја 220, во Јапонија 210, во Германија околу 190, во САД меѓу 160 и 180, во зависност од сојузната држава.
Интересен пример е Франција, каде што основците и средношколците одат на училиште четири дена во неделата (среда е слободен ден), а бројот на наставни денови годишно е 144.