ЛЕКАРСКА ИСПОВЕД ОД ГЕРМАНИЈА: Плачам додека пишувам, но Македонија ми го одзеде достоинството!

Во Македонија лекарите посесивно ги партизираат, во Германија ги ценат знаењето, вештините и односот кон клиентите. Ова е првата паралела на искуствата и медицинскиот амбиент на македонска докторката  Д.А. која во последен момент побара од редкацијата на Фактор да не се објавува нејзиниот идентитет стравувајќи дека може  да има одредени последици врз семејство .  Нашата соговорничка  д-р Д.А. е една од 600 македонски лекари кои ја искористија  шансата за професионално и работно емигрирање барајќи ја својата перспектива и професионална сатисфакција во една од германските клиники. За Фактор,  вели дека ни на крај памет  не и паѓа да се врати во Скопје од каде што и потекнува.   По завршувањето на студиите на Медицинскиот факултет во Скопје очекував дека ќе ми се отворат сите врати. Наместо тоа, тропав на многу врати, добивав секакви непристојни предлози во замена за решение за работа, барање пари, неизбежното зачленување во партија , но сите тие условувања за мене беа подеднакво навредливи. “ Камо порано да го учев германскиот”, ја прикажува за Фактор својата приказна  д-р Д.А. 

Фактор: Вие сте една од 600 лекари кои ја напуштиле Македонија во последниве две години барајќи ја својата перспектива во некои од европските и светски здравствени центри . Што за Вас беше пресудно да одлучите да заминете од земјата и веќе две години да работите како лекар-специјалист во една клиниките во Германија?

д-р Д.А : За човек кој што е пораснат во Скопје, од каде што потекнува моето семејство и каде ми се пријателите, каде што го завршив основното, средното и високото образование, и не сум била подолго разделена отколку за еден одмор, мора да признаам дека тоа беше најтешката одлука во мојот живот. Ама јас навистина немав друг избор. По завршувањето на студиите на Медицинскиот факултет во Скопје очекував дека ќе ми се отворат сите врати, па лекар сум, треба да ја извршувам најхуманата и најценетата дејност, но не знаев дека тоа ќе биде всушност почеток на проблемите. Следеа цели седум години обид да се вработам, конкурирав на сите можни објавени конкурси за работа, тропав на многу врати, одговорите беа различни: добивав секакви непристојни предлози во замена за решение за работа, барање пари, неизбежното зачленување во владејачката партија.

Ниту една од овие работи не ми паѓаше на крај на памет да ја направам и сите ми беа подеднакво навредливи. Во меѓувреме започнав со приватна специјализација (Приватна специјализација – значи дека сама се финансирав, а само специјализацијата чини 8000-10000 евра, плус секојдневните трошоци за храна и превоз), што уште повеќе ги отежнуваше условите за вработување, затоа што не смеете да работите како матичен лекар додека специјализирате. Севкупниот мој живот, не само образованието, на мои 30 години со завршено високо образование, и тоа Медицински факултет, сеуште беше на грбот на моите родители. Подоцна работите се сменија, татко ми ја напушти работата, па од финанскиски аспект специјализацијата не можев да ја завршам, работа не можев да најдам, седев дома.

  Фактор: Од каде стигнаа сигнали за заминување во бел свет со белиот мантил

д-р Д.А: Eден мој пријател ми кажа дека во Германија постои огромен дефицит на лекари, дека можам да се обидам таму, дури и ми даде контакт од еден македонски лекар кој веќе 40 години живее и работи во Германија, но со оглед на тоа дека не го знаев германскиот јазик, ама воопшто, ниту еден единствен збор, ми изгледаше како невозможна мисија. Сепак на покана на тој лекар заминав на две недели, во клиниката каде што тој работи во Германија, како хоспитант. Откако видов како се функционира таму, колку многу лекарот е лекар и само лекар и тоа му е единствената работа во тек на денот – да лекува, е тогаш ја донесов најважната одлука дека ќе се обидам да го научам јазикот и ќе сторам се што можам да дојдам да работам во Германија. Кога се вратив започнав со изучување на германскиот јазик, најмногу учев дома сама, со стари книги и лоши речници, ама и со огромна мотивација. Ќе бидам искрена и ќе ви кажам дека немав пари ниту за интернет, за да можам полесно да учам. Во меѓувреме, започнав да волонтирам во една од скопските болници, благодарение на добрата волја на раководството за што сум навистина благодарна. Првите три месеци добивав 4000 денари како волонтер, а потоа потпишав договор за привремено вработување, со кој добивав повисоки примања, но не бев здравствено осигурана ниту ми течеше стаж.  

Фактор: Бројката на македонски лекари кои ја напуштаат земјата во континуитет расте. Според одредени информации само од Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и Градската општа болница 8 Септември во последниве два месеци си заминале 20 тина лекари барајќи ја својата иднина во западноевропските земји. Зошто македонските лекари перспективата првенствено ја бараат во Германија? 

 д-р Д.А: Првенствено во Германија постоеше навистина голем дефицит на лекари, што веќе не е случај. Поради тој дефицит можноста за вработување беше навистина голема, се што ви требаше е познавање на германски јазик ниво „Б2“, и толку. Нашата диплома ја нострифицираа без проблем, што е главниот фактор поради кој сите лекари работа бараат токму тука, со тоа сто дозволено ви е да работите само во клиниката која ве ангажира, не смеете да работите самостојно и мора да полагате, во догледно време, испит кој е еквивалент на нивниот државен испит со цел да добиете Апробација. Toa e дозвола за самостојна работа на целата територија на Германија. Taa потоа станува лиценцирана и за Швајцарија и Австрија. Сега веќе условите малку се посложени. 

Фактор: Неодамна бевте во Скопје со единствена цел да специјализирате. Сега иако сте веќе лекар специјалист, сепак не се одлучувате да се вратите и да ја барате својата иднина во некои од болниците во Македонија. Зошто? 

д-р Д.А: Специјалистичкиот испит го положив за лична сатисфакција, после сите перипетии, инвестирани труд, време и финансии, сакав да го завршам тоа поглавје, иако тука тоа не игра никаква улога. Можеби некогаш ќе се вратам во Македонија, не знам. Иако додека тука во Германија е така како што е и таму во Македонија е така како што е, не ми пага на крај на памет. Единственото место каде што се кршат сите копја е семејството. Сега за сега тоа е единственото нешто што би ме вратило назад. Времето тече, не чека никого па ни мене, внуците мои растат, а јас тоа го пропуштам. Го пропуштам времето со моите родители, со сестра ми, со пријателите. Тоа ми е најголемата болка. Тоа знае да ме буди во сред нок и тогаш солзите почнуваат да течат и не престануваат. Ги бркам мислите, ама не бегаат. Еве и сега се расплакав, па ќе завршам тука. 

Фактор: Каков е односот на германските лекари кон колегите кои доаѓаат однадвор? 

д-р Д.А :  Секако дека имаше сомневање на почетокот. Македонија или Пакистан нив им е сеедно, се додека тоа не е Германија или Швајцарија. Веруваат во својот квалитет, а се друго што доаѓа од страна, мора првенствено да си го заслужи договорот за работа. Во период од две години колку што сум во оваа клиника сведок сум на десетина отпуштања од работа. Мојот најголем проблем беше германскиот јазик, работно искуство веќе имав, го стекнав дел во тек на специјализацијата, а најмногу во тек на работата на дежурната служба додека волонтирав. Со оглед на тоа дека видоа дека одлично се снаоѓам во работата со пациентите, често добивам писма или мали подароци од пациентите (дозволено е) во знак на благодарност за стручноста и љубезноста, што за народ каков што се Германците значи многу, немаше никаков проблем кога дојде до моментот да се обнови договорот за работа. Едноставно кажано, мора да си ја заработите почитта, а до тогаш ќе ве стават на многу тестови. Или ќе ви дадат отказ.

Фактор: Колку време Ви беше потребно да се адаптирате на условите и стандардите за работа?

д-р Д.А: Во однос на работните услови, овде сигурноста на лекарот е на прво место. Целиот систем се обидува максимално да не заштити од можни грешки и пропусти. Се инвестира во нашата едукација, тоа е обврска на клиниката, тука мора да додадам без уцени, присила или потпишување договори. Се почитува работното време, а доколку се надминат законски одредените работни часови, тоа ви се компензира. Месечните примања се повеќе од доволни, со оглед на тоа дека животните трошоци се речиси исти како во Македонија. И она што е најважно, овде лекарот сеуште навистина се почитува. Во Македонија ни го одземаа достоинството на нам лекарите, не спуштија на најниско ниво, не направија партиски марионети, криминалци и бездушници. Овде си ја работам работата која навистина ја сакам и не можам себеси да се замислам да работам било што друго во животот, работата за која цел живот учев и сеуште учам. И никој не ме потценува, уценува, навредува или казнува за тоа. Идентитетот познат на редакцијата. 

Извор: Фактор.мк

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија

Приклучете се на БАРМЕР, надоброто здравствено осигурување во Германија