
Вкупниот број македонски државјани регистрирани како странци што живеат во Германија изнесувал 156.845 лица, што е двојно повеќе отколку пред десет години, кога во оваа земја имало околу 77.000 лица од Македонија, покажуваат податоците на германскиот Федерален завод за статистика. Само во изминативе пет години бројот на македонски граѓани евидентирани како странци во Германија се зголемил за повеќе од 41.000 лица.

Ако се земе предвид дека Германија има хроничен недостиг од работници и поради тоа континуирано ги олабавува условите за вработување странски државјани, извесно е дека бројот на македонски граѓани што ќе заминат на работа во оваа земја ќе продолжи да се зголемува. Ваквите трендови негативно се одразуваат на македонскиот пазар на трудот, каде што веќе подолг период има недостиг од работна сила во различни дејности.
Билет во еден правец
Германската статистика многу прецизно ги детектира миграциските текови меѓу Македонија и Германија. Во текот на минатата година се регистрирани 22.514 пристигнувања на македонски граѓани во Германија, а само 12.098 заминувања. Таканаречениот миграциски баланс е позитивен и изнесува 10.416.

Од Федералниот завод за статистика на Германија објаснуваат дека статистиката за миграција го покажува не само бројот на пристигнувања и заминувања туку и разликата помеѓу пристигнувања и заминувања во форма на нето-миграција.
„Позитивната нето-миграција значи дека повеќе луѓе се доселиле отколку што се иселиле, што е нето-имиграција. Негативна нето-миграција значи нето-емиграција“, се наведува во образложението на германскиот завод.
Оттаму објаснуваат дека статистиката за миграција се заснова на целосно пребројување и ги опфаќа сите регистрирани пристигнувања и заминувања преку општинските или федералните граници што вклучуваат трансфер на живеалиште. Статистичка единица е потегот на миграцијата, а не лицето мигрант.
„Општо земено, бројот на преселби е поголем од оној на лицата мигранти бидејќи едно лице може да се пресели повеќе од еднаш во текот на годината“, нагласуваат оттаму.
Статистиката за миграција ги опфаќа сите регистрации, дерегистрации и промени во статусот на домување забележани од локалните органи за регистрација во согласност со федералниот закон за регистрација.
„Ослободување од обврската за регистрација постои за лица што се преселуваат во живеалиште на помалку од шест месеци ако истовремено имаат друго регистрирано живеалиште во Германија и за лица што се движат од странство на помалку од три месеци. Овие случаи, следствено, не се вклучени во статистиката“, нагласуваат од заводот.
Отворена врата за работници од странство
Гермaнската влада годинава широко ги отвори портите за влез на работници од Македонија и регионот. Како што се наведува во соопштението на Федералниот завод за миграции и бегалци, дури и „без професионална квалификација што е формално признаена во Германија, можно е да се имигрира во Германија за работа врз основа на професионално искуство“.
Станува збор за таканаречениот аранжман за Западен Балкан, кој овозможува граѓаните од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и од Србија да добијат дозвола за престој за вработување без признаена квалификација.
„Најважен предуслов за издавање на оваа виза е презентирање конкретна понуда за работа или договор за вработување“, се наведува во соопштението.
Македонија останува без работници
Веќе пишувавме дека на европско тло се развива своевидна трка по работници, во која Македонија веројатно ќе заврши на некое од последните места бидејќи не може да им конкурира на повеќето европски земји кога станува збор за висината на платите и животниот стандард. Податоците на „Евростат“ покажуваат дека стапката на слободни работни места во Европската Унија изнесувала 2,4 проценти заклучно со вториот квартал од 2024 година и е на повисоко ниво од македонската, која во истиот период изнесувала 1,95 процент. Тие се показател дека некои од работодавците од нашата и од европските земји се мачат да најдат работници, меѓутоа и дека на пазарот на трудот во Европа има голем простор за апсорпција на работна сила од Македонија. Поради лошите демографски трендови, станува јасно дека трката допрва ќе се разгорува и дека ќе прерасне во спринт кога станува збор за одредени дејности во кои недостигот од работници е најизразен.

Според податоците на македонскиот Државен завод за статистика, во второто тримесечје од 2024 година највисока стапка на слободни работни места од 3,68 проценти имало во секторот објекти за сместување и сервисни дејности со храна. Потоа следуваат градежништвото (3,42 проценти), трговијата (3,35 проценти) и административните и помошни услужни активности (3,20 проценти).

Статистиката открива дека со недостиг од работници се мачат и малите и големите деловни субјекти, а тој е најизразен кај компаниите што имаат од 10 до 49 работници, кои имаат највисока стапка на слободни работни места, која изнесува 2,69 проценти.