Моето искуство во Германија преку Work&Travel

Стотици македонски студенти секое лето одат на работа во странство преку програмата Work&Travel. Оваа програма им овозможува дозвола за работа и престој во времетраење од 3 до 4 месеци. Најчесто студентите заминуваат на работа во САД, но од пред неколку години има заинтересираност и за Германија.

Во оваа статија ќе го пренесеме искуството и впечатоците на студентката Елена од Скопје, која ова лето работеше во Германија.

Како тече постапката за аплицирање
„Уште во октомври отидов во една од скопските посреднички агенции, а таму избрав да работам во Мекдоналдс. Изборот на работни места за во Германија не е многу голем, како за во САД на пример, но можете сами да изберете град во кој ќе сакате да работите. Потоа следеше интервју, кое се спроведе во самата агенција. Интервјуто се спроведуваше на германски јазик, а притоа имавме прилика да кажеме нешто повеќе за себе и на која работна позиција би сакале да работиме. На самото интервју се оценуваа нашите познавања на германскиот јазик. Агенцијата нуди и јазичен курс за сите кои не се чувствуваат доволно спремни. По интервјуто, ги добивме сите потребни документи кои требаше да ги пополниме, од кои најважна беше потврдата дека сме студенти. Некаде кон крајот на ноември ни најавија интервју со регионален шеф на Мекдоналдс, кое потоа се спроведе во февруари во Холидеј Ин. Интервјуто исто така се одвива на германски јазик, но на малку повисоко ниво. Шефот на Мекдоналдс кој дојде тогаш, одлучуваше кои студенти ќе можат да одат на работа во Германија. Јас лично веднаш знаев дека сум примена, бидејќи тоа ми го кажа шефот на самото интервју. Првата рата од 100 евра ја плаќавме до декември, а втората рата до мај месец. Сместувањето го наоѓа самата агенција, но доколку не ви се допаѓа, можете да побарате сами. Сепак, тоа е на ваша одговорност. Авионските карти си ги обезбедивме сами.

По пристигнувањето во Германија
Таму пристигнавме на 13 јуни. Најпрво се пријавивме во локалниот Rathaus (општина) каде дадовме адреса на престојување. Таму пријавувате дека сте студент, бидејќи од тоа зависи и висината на данокот кој ќе го платите. Пред враќање назад, треба да се одјавите. Потоа извадивме санитарни книшки, без кои не можете да работите во угостителски локали. Од Мекдоналдс ве најавуваат во локалната клиника дека сте пристигнати и ви закажуваат термин. Во клиниката плаќате 25 евра, а тие ви поставуваат неколку прашања во врска со вашата здравствена состојба, од типот на – дали во последните 3 месеци сте биле во странство, дали сте имале висока температура во последната недела, дали сте имале скршеници, грип, настинки и слично. Откако ќе утврдат дека немате здравствен проблем, следи предавање од околу половина час поврзано со хигиената во Мекдоналдс. Од следниот ден веќе почнавме со работа.“

За работата во Мекдоналдс
„Работата во Мекдоналдс вклучува неколку позиции – работа во кујна, работа на McDrive, работа во McCafe, работа на каса и во лоби. Според вашите познавања на германскиот јазик, надредените одредуваат на која позиција ќе бидете. При работата морате да бидете брзи, точно на време на доаѓате, да ја запазувате хигиената и секогаш да внимавате да им угодите на гостите. Во случај да има некаков проблем, секогаш обраќајте се кај шефот. Со оглед на тоа дека ова е работа со муштерии, имајте предвид дека можете да налетате на секакви луѓе. Често се случуваше гостите без апсолутно никаква причина да го вратат оброкот, некогаш цел, а некогаш полуизеден, со изговор дека наводно не бил свеж, бил ладен или едноставно затоа што не им бил вкусен. Во такви случаи морате секогаш да им дадете нов оброк. Бидете подготвени на многу физичка работа. Нормално е првите недела до две да ви биде напорно, но потоа ќе се навикнете. Се работи 5 дена неделно, по 8 часа дневно. Може да се случи некои денови да нема работа, па со тоа и да имате помалку часа работно време. Некогаш има работа прекувремено, а можно е и да ве викнат во слободен ден, но за тоа добивате поголем процент заработка. Платата се смета по саатница и е 8,51 евро по час. Во однос на платата, сè беше коректно и навремено. Еднаш месечно доаѓа инспекција во локалот, прават проверка на хигиената и општо работата во Мекдоналдс. Инспекцијата не е најавена, а притоа инспекторите доаѓаат како обични гости во локалот. Прават оценување, а ако се задоволни, вие добивате Gutschein. Тоа е всушност еден вид на купон до некоја вредност, кој можете да го искористите за во одредена продавница. Важно е постојано да работите, дури и тогаш кога едноставно нема работа. Германците сакаат да бидете дисциплинирани и вредни, а не да седите на работно место. Наоѓајте си дополнителна работа која ќе ви го пополнува времето. Бидете спремни на тоа дака некои шефови нема да имаат разбирање за вас – дека сте странци, дека сепак јазикот не ви е мајчин, дека сте дошле во сосема непозната средина и држава во која не знаете како функционираат работите. Но, има и такви шефови кои ќе бидат потолерантни спрема вас. Ако некогаш дојдете до конфликт со некој шеф заради вашата националност (што знае да се случи), не дозволувајте да ве испровоцира, бидејќи во тој случај само вие ќе настрадате. Секогаш помислете на тоа дека работата е само привремена, а таму сте заминале за да прошетате, да заработите и да си поминете убаво.“

Искуства и совети
„На сите оние кои имаат можност да заминат на оваа програма, им препорачувам без размислување да се пријават, бидејќи е едно одлично искуство. Работата знае да биде напорна, но заработката е солидна. Ви препорачувам да не бидете опседнати само со работа и пари, зашто Германија е прекрасна и во секое место има што да се види. Навистина вреди да прошетате, не само во околните градови, туку и малку подалеку, ако имате можност. Многу студенти за време на слободните денови од Германија патуваат до Данска, Белгија, Холандија, особено ако се сместени во градови блиску до границата. Ве уверувам дека од тоа патување ќе се вратите со многу нови пријателства и убави спомени.“

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија

Приклучете се на БАРМЕР, надоброто здравствено осигурување во Германија