Познато е дека наоѓањето дом во главниот град на Шведска, не е нималку лесно. Стокхолм неодамна беше прогласен за најбрзо растечки град во Европа, па се разбира, има многу конкуренција на пазарот на недвижности, а поради тоа многу семејства остануваат без решено станбено прашање. Но, ситуацијата не е толку лоша како што можат да ве убедат некои трагични наслови во весниците. Станови на располагање има, само ако знаете каде да погледнете.
На прв поглед, можеби живеењето во предградијата на Стокхолм нема да ви изгледа привлечно, особено затоа што во ваков голем град, ќе губите повеќе од два часа дневно за да стигнете до работното место односно дома. Но, тоа не е толку трагично со оглед на добро организираниот превоз.
„Доаѓаме од голем град, каде што ни требаше повеќе од два часа за да стигнеме до работа“, вели Лесли Витиг Квинтанила, која во Стокхолм се преселила од Бразил, заедно со нејзиниот партнер Фабрицио. И двајцата работат како програмери во шведската фирма Klarna. Сега тие живеат источно од центарот на Стокхолм. „Целиот град има огромен транспортен систем, па не ни одзема толку долго време за да стигнеме до канцеларијата. Освен тоа, имаме пристап и до многу супермаркети, како и здравствени установи“, вели Фабрицио.
Со зголемување на населението во Стокхолм, станбеното прашање претставува сериозен проблем за многумина, особено за доселениците. „Многу луѓе кои неодамна се доселиле во овој град, мислат дека мораат да најдат стан во центарот, не сфаќајќи дека многу повеќе можности ќе најдат надвор од градот“, вели Мухамед Хамид, сопственик на агенција за недвижности. Мухамед, кој израснал во јужна Шведска, сега живее во Солна, предградие северно од Стокхолм на само осум минути од центарот на градот. „Овде навистина немате чувство дека сте надвор од градот, имате сè што ви треба. Можете да одите и во кино, или да трчате во природа“, вели тој.
Американката Линдзи Ламонт се согласува со тоа дека предградијата на Стокхолм имаат многу што да понудат. „Да се живее во некое предградие не е толку лошо како што мислат луѓето“, вели таа. Линдзи признава дека откако се доселила во Шведска, имала голем проблем со наоѓањето стан, делумно затоа што барала на погрешно место. „Најпрво бев во потрага по стан во области како Содермалн и Остермалн. Се разбира, становите таму се ужасно скапи и навистина мали. Но, сега веќе неколку години живеам во преградието на Стокхолм и не можам да се пожалам. Има железничка линија која до работното место ме носи за помалку од 40 минути“, додаде таа.
Не само што изнајмувањето е многу полесно надвор од центарот на градот, туку и купувањето стан станува возможно. „Во предградијата цените на куќите се многу пониски“, вели Прасант Данг кој во Шведска се доселил во 2010 година, за да работи во компанијата Seamless Payments. Тој сега е горд сопственик на куќа во Упландс Везби, на половина час до центарот на Стокхолм. „До работа патувам со воз за неполни 30 минути. Овде природата е прекрасна, а има и добри училишта. Сакам да живеам тука”, вели тој. „Мислам дека странците имаат тенденција да бараат станови само во центарот на Стокхолм, но јас би ве советувал да погледнете и на други места како Солентуна, Теби, Упсала, Јерфела и Упландс Бро“.
Како и во секој голем град, постојат предизвици кога е во прашање наоѓањето место за живеење. Но, искуствата на многу доселеници, покажуваат дека можеби подобро е својот иден дом да го побарате надвор од центарот на Стокхолм.
За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Шведска