Сигурно се сеќавате на приказната за Јужноафриканецот Алберт Бутенхјуз, кој пред скоро две години стана интернет сензација заради неговата невообичаена приказна – властите на Нов Зеланд му соопштиле дека мора да ја напушти земјата зашто е премногу дебел и не ги исполнувал „здравствените стандарди“.
Алберт Бутенхјуз е готвач кој со својата сопруга се доселил во Нов Зеланд во 2007 година. Тој работел како шеф на готвачите во еден ресторан и имал 130 килограми, што било главната причина да не му се дозволи да остане да работи и живее на Нов Зеланд. Во оваа земја дури 30% од возрасните се соочуваат со вишок на килограми. Емиграционите власти го информирале дебелиот готвач дека не ги исполнува стандардите воспоставени од нивното министерство за здравство и му се заканиле со депортација.
Неговата сопруга Марти била вчудоневидена од ваквата одлука: „Никој досега не ни спомна дека тежината на Алберт ќе биде проблем за продолжување на дозволата за нашиот престој на Нов Зеланд. Кога дојдовме овде, тој дури имаше 30 килограми повеќе.“ Тие се пожалиле до министерството за здравство, откако нивното барање за обновување на виза било одбиено заради телесната тежина на Алберт.
По разгледување на случајот, сепак била донесена одлука Алберт да може да остане во државата во наредните 23 месеци. Но, тој нема да има право на јавно финансирани здравствени услуги.
Денес Алберт живее и работи во Нов Зеланд. Можете да го следите на неговиот блог кој шегувајќи се на своја сметка го нарекол The Too Fat Chef (Предебелиот готвач). Тој дури и размислува за отпочнување свој бизнис за производство на храна, како на пример сосови, зачини, сенф и слично, под името Fat Chef.