Десничарската Народна партија која пред неколку месеци издвои победа на изборите во Швајцарија, неодамна покрена иницијатива која доколку се профати, ќе резултира со протерување на 18.000 странци годишно од оваа држава.
Имено, предлогот на оваа партија е да се спроведе автоматско исклучување од Швајцарија на оние странци кои се осудени за кривични дела. Ваков сличен предлог веќе беше одобрен во 2010 година, кога се донесе одлука за протерување на странците осудени за тешки кривични дела, како што се убиства, силувања, вооружени грабежи, трговија со дрога, како и злоупотреба на социјална помош. Сепак, Народната партија тврди дека федералните власти биле премногу лабави во спроведувањето на првична мерка, која резултирала со протерување на околу 500 странци годишно.
Но, Комисијата во која учестуваа членови од повеќе партии, овој предлог не го одобри, со објаснување дека е во спротивност со основните принципи на владеење на правото, како и со европските закони за човекови права. Покрај тоа, Комисијата изрази загриженост дека странците родени и израснати во Швајцарија, исто така ќе бидат предмет на предложениот закон, како и азилантите и странците кои престојуваат во државата без соодветните дозволи.
„Замислете, една хигиеничарка од Шпанија, која во Швајцарија живее и работи повеќе од 40 години, да заборави да плати социјално осигурување за три месеци. Таа автоматски ќе биде протерана од земјата, во рамките на предложениот закон“, предупреди Комисијата.
„Или пак, ако во една кражба на неколку шишиња алкохол, учествуваат тинејџери од кои едниот е државјанин на Швајцарија, а другиот не е, првиот ќе заврши само со парична казна, а другиот ќе биде протеран од земјава.“
Според пресметките, сè на сè, околу 18.000 луѓе годишно ќе треба да бидат протерани од Швајцарија.
И покрај противењата на Комисијата, онлајн анкетата неодамна покажа дека повеќето граѓани на Швајцарија, ја поддржуваат оваа иницијатива. Анкетата била спроведена од 5. до 7. јануари, а во неа учествувале 32.600 испитаници. Резултатите покажале дека 61 отсто гласале „за“, а 36 отсто гласале „против“ иницијативата на Народната партија.