Австрија е една од најбогатите земји во Европската унија. Таа има население од 8,5 милиони жители, од кои скоро една третина живеат во и околу главниот град Виена.
Кога е во прашање висината на платата, правото на платен одмор, породилно отсуство и слично, Австрија е меѓу државите кои се најдарежливи спрема своите работници.
Но, постојат неколку важни мерки од австрискиот Закон за работни односи, кои секој работник треба да ги знае.
1. Минимална плата
Можеби е малку чудно, но во Австрија нема законски утврдена минимална плата која важи на ниво на целата држава. Минималната висина на платите најчесто се утврдува со колективни договори или од страна на Арбитражниот одбор. Одборот ги утврдува минималните плати за одредени сектори како што се куќни помошници, ау паир работници, работниците во приватното образование и социјална заштита и слично.
2. Платен одмор
Австриските работници се меѓу оние кои уживаат најдолго платено отсуство од работа на годишно ниво. Секој работник има право на 25 дена платен одмор, а по 25 години работен стаж, работниците добиваат 30 дена одмор. Покрај тоа, постојат 13 државни празници секоја година.
Работниците кои вршат тешка физичка работа за време на ноќни смени, имаат право на дополнителни денови во годишниот одмор. Износот на тие дополнителни денови зависи од времетраењето и природата на самата работа.
3. Породилно отсуство
Мајките во Австрија имаат право на платено породилно отсуство во времетраење од 16 недели: осум недели непосредно пред очекуваниот ден за пораѓање и осум недели по раѓањето. Во случај на повеќекратна бременост или предвремено породување, породилното отсуство од 8 недели може да се зголеми до 12 недели по раѓањето. Вработените кои се осигурани според системот на задолжително социјално осигурување, имаат право на 100% од нивната плата за време на отсуството. Вработените кои дојат, во основа не смеат да работат од 20 часот навечер, до 6 часот наутро. Но, постојат исклучоци во некои сектори.
4. Права на работниците инвалиди
Работодавачите со 25 или повеќе вработени, мораат да имаат вработено најмалку едно лице инвалид. Оние кои не ги исполнуваат овој законски услов, ќе се соочат со големи казни. Како и во другите земји од ЕУ, работодавачите се должни да преземат соодветни мерки за вработување на овие лица. Па така, тие мораат да им овозможат пристап до работното место, учество во обуки, семинари, како и можност за напредување во кариерата.
5. Боледување
Работникот има право да добие целосна плата за време на боледување во времетраење од 6 до 16 недели, во зависност од должината на работниот стаж. За дополнителни четири недели, работникот има право на половина плата. По истекот и на овие дополнителни недели, работникот има право на користење на своето социјално осигурување, доколку е осигуран. Износот што ќе го добива е 50% од претходната плата, но истата може да се зголеми до 75%, ако работникот има семејство кое финансиски е зависно од него.
6. Работнички совет (Betriebsrat)
Работничките совети мора да постојат во сите фирми и организации кои бројат пет или повеќе вработени. Сепак, работодавците нема да се соочат со санкции ако не постои работнички совет, или пак ако постои но во пракса не фунционира.
Големината на работничкиот совет, зависи од големината на фирмата. На пример, фирма со 1.000 вработени, треба да има совет кој ќе брои 13 членови.
Работодавачот мора да го извести работничкиот совет најмалку една недела пред некому да му врачи известување за отпуштање од работа, а притоа советот има право да побара консултација со работодавачот по тоа прашање.
7. Паричен надомест при отказ
Постојат две законски утврдените шеми за пресметување на паричниот надомест кој работникот треба да го добие ако бил отпуштен. Стариот начин се однесува на сите вработувања започнати пред 1 јануари 2003 година и се пресметува врз основа на стажот. Новата шема се однесува на вработувањата по тој датум.
Според новиот начин, работодавачите креираат т.н. фонд на вработените, во кој се префрла одреден процент од бруто-платите на секој вработен. При престанок на работниот однос, работникот има можност да добие од тие парични средства во паушален износ.
8. Социјално партнерство
Овие партнерства се базираат на соработка и консултации меѓу државата, работодавачот и синдикатите. Преку ваквите консултации, работниците често се вклучени во подготовка на законските регулативи во Законот за работни односи, при што можат да издејствуваат и да влијаат врз правата на работниците.