Охрид неколку години наназад го држи првото место по бројот на иселени лица на ниво на Република Македонија. Според Публикацијата „Миграции 2014“ која минатата седмица ја објави Државниот завод за статистика, Охрид повторно е град со најнегативна миграциона состојба споредено со другите македонски градови.
Статистичките показатели кои се приложени во публикацијата говорат дека минатата година од Охрид се иселиле вкупно 643 лица од кои 375 заминале во странски земји. Зад Охрид на листата се градовите Тетово со 446 иселени, Куманово со 399, Струга со 353, Битола со 321, Гостивар со 278, Прилеп со 240 и Штип со 200 отселени лица. Поголем број отселени од Охрид има само градот Скопје, од каде што во 2014 година се отселиле 1.786 лица.
Според статистичката евиденција која е официјално објавена преку годишните публикации, може да се констатира дека во текот на последните осум години од Охрид официјално се иселиле вкупно 6.066 лица, а најалармантни бројки биле регистрирани во 2012 година кога се иселиле 1.296 лица (2014год.-643; 2013год.-766; 2012год.-1.296; 2011 год.-1.069; 2010 год.-676; 2009 год.-802; 2008 год.-594; 2007 год.-220).
Граѓаните на Охрид сметаат дека на официјалната бројка на иселени треба да му се додаде и бројката на иселени охриѓани кои живеат на црно во странство и се уште не се одјавени од своите живеалишта во Охрид.
-Јас имам неколку другари кои имаат нерегулиран престој во САД, иако се таму веќе три години. Според она што го знам, најголемиот број охриѓани кои се заминати во странски земји живеат на црно, вели 30-годишен охриѓанец, кој подготвува документи за да замине на работа на брод.
Повозрасните охриѓани пак сметаат дека младите не би имале потреба да се иселуваат, доколку во Охрид би имале условите за егзистенција.
-Доколку тука има компании кои имаат потреба од работна сила, младите нема да си заминуваат, ќе работат тука дури и за пониски плати, но овде сега состојбата е страшна, затоа што не може да се најде било каква работа, а најголемиот дел од младите имаат високо образование, ни изјави еден повозрасен соговорник. Тој се потсети на убавите времиња на охридското стопанство, кога ретки биле граѓаните кои се иселувале од Охрид.
Инаку во текот на минатата година, универзитетскиот професор Ѓорѓи Тоноски, кој работи на Независно истражување за миграционите поцеси во земјава, за OhridNews изјави дека за разлика од порано, кога Македонците заминувале на печалба во странство и потоа повторно се враќале дома, во денешно време најголемиот број од младите кои се иселуваат, не планираат да се вратат во Македoнија.
-Ние во Република Македонија за жал имаме една таканаречена „One way ticket“ емиграција или едноставно класично отселување. Подигнувањето на куферот значи и раскинување на можностите за постојано живеење во оваа земја, нешто што морам да кажам дека другите земји го немаат во ваков жесток вид. Ова е карактеристичен процес и за источна и за западна Македонија и за сите етникуми кои живеат тука, изјави тогаш проф. д-р Тоноски.
Тој објасни дека проблемот со миграцијата бара многу сериозен пристап од сите организирани субјекти бидејќи со краткотрајни решенија тоа не може да се реши, односно дека се потребни длабоки системски решенија за да се надмине овој проблем, кој би можел да биде погубен за Македонија.
Извор: OhridNews