Швајцарците на референдум за Законот за државјанство

Последните неколку месеци, прашањето за државјанството на т.н. „трета генерација доселеници“ во Швајцарија, е предмет на интензивна дискусија во парламентот. За разлика од многу други земји, децата родени во Швајцарија не добиваат швајцарско државјанство по автоматизам, ако нивните родители се странци.
Но, можат да станат државјани на оваа земја со натурализација, под одредени законски услови. Ако ниту нивните родителите, ниту нивните баби и дедовци не се Швајцарци, децата би можеле да бидат третата генерација од семејството која живее во земјата без државјанство.
Во моментов кантоните во Швајцарија имаат свои утврдени правила во врска со процесот на натурализација на странците од третата генерација, но владата се обидува да го олесни начинот на добивање државјанство преку измени во законот кој важи на ниво на целата држава.
Со новите измени, странците од третата генерација ќе можат на поедноставен начин на добијат државјанство, за разлика од досегашните услови кои налагаат подолг процес – да се родени во Швајцарија, да имаат дозвола за постојан престој и да имаат најмалку пет години на задолжително образование во земјата.
Поедноставниот начин за добивање државјанство ќе им биде достапен само на оние кои се на возраст до 25 години. Со ова странците повеќе нема да можат да аплицираат за државјанство откако веќе ќе наполнат 25 години, со цел да ја избегнат воената служба.
Доколку новиот закон биде одобрен на референдум,странците на возраст од 26-35 години, ќе имаат рок од пет години да аплицираат за државјанство. Со оглед на тоа дека новиот закон ќе налага промена и на уставот, истиот мора да биде одобрен на референдум пред да стапи во сила. Граѓаните на Швајцарија за ова прашање ќе гласаат на 12-ти февруари 2017 година.

Ако ви се допадна статијата, а и за повеќе вакви и слични теми придружете ни се во нашата група Македонци во Швајцарија