Тешка е судбата македонска, печалбарска е таа, кaко да му било пишано на македонецот да биде во вечна потрага по среќа. „Ех црна и крвава е нашата печалба мајко! Уште покрвава е сиромаштијата што не гони таму! “ – вака напиша Антон Панов во својата „Печалбари“ уште во 1936 година. Речиси осумдесет години подоцна малку се има променето.
Илјадници бугарски пасоши и речиси двојно повеќе печалбарски приказни. Годините минат, приказната иста, потрагата по среќа во туѓина – судбина.
Мојата приказна, само една од илјадниците. По дипломирањето (диплома = виза) се одлучив и тргнав да работам на брод. Прекуокенаските бродови ми беа дом речиси три години. Позајмив пари и заминав, полека напредував и стигнав до менаџерска позиција на најголемиот брод во светот. Мојот сон отсекогаш беше да се вклучам во политика, па така одлучив дека по тоа искуство морам да продолжам со студирање и заминав на мастер студии. Мојата печалбарска приказна стана трилер, драма и трагедија некаде после завршувањето на студиите. Колку е тешко да се биде Македонец без бугарски пасош во Европа, не би сакал да пишувам, верувам веќе сите тоа добро го знаат, можам само да сумирам дека е невозможна мисија.
За одлуката дали да се земе бугарски пасош или не, не сакам да дискутирам, верувам дека не остана што да се каже после сите овие години обвинувања за тоа кој од кој е поголем патриот. Она што јас можам да го кажам е дека мене ме чини многу, тој мој идеализам и патриотизам и тоа не земање бугаски пасош. Веќе загубив две позиции во Брисел затоа што неможев да се справам со визните барања, а и поприлично се намачив за време на моето студирање во Германија.
Мојата приказна е слична на илјадниците други, ако се има предвид дека неофицијално еден од три македонци ја напуштил државата во последниве десет години (официјална бројка и не може да се добие затоа што последниот попис на населението е направен 2002 година), а сепак специфична. Речиси три години се подготвував да почнам да пишувам свој блог и моите мисли да ги преточам во текст. Три години наоѓав изговори и други “попаметни“ работи, но разочареноста од тоа каде мојата земја е денес, шест години од кога тргнав по бело светски друмови да го најдам народски речено “к’сметот“ мој, ме натера да не одолговлекувам повеќе.
Тогаш заминав надевајќи се дека еден ден ќе се вратам и полека ќе започнам политичка кариера и некако ќе успеам со својата љубов, посветеност и патриотизам да бидам дел од една генерација која ќе ги промени работите. Една нова политичка група на луѓе која ќе го спречи одлевањето мозоци и конечно ќе воведе правила на игра во оваа џунгла.
Во годините поминати во „печалба“, по сите тие црно бели светски патишта, сретнав и разговарав со многу млади нашинци и речиси без исклучок сите тие не се гледаат себеси во Македонија. Македонци, чесни и работливи, образовани и желни за докажување, сите тие како и јас се дел од таа изгубена генерација. Таа генерација која се роди на распадот на еден систем и дочека да порасне во еден гнил обид за транзиција. Таа една генерација која мораше да преживее илјадници неуспешни експерименти во образованието, распаднато судство, бесперспективна држава, грабежи на општественото благо и уништување на човечноста во луѓето. Генерација која требаше да биде иднината на оваа земја. Првата која дочека самостојна и суверена Македонија, токму онаа за која многу други генерации ги дадоа своите животи.
Чуму таа борба кога таа генерација денес е секаде само дома не? Чуму сите тие дадени животи кога таа генерација денес дома се враќа само за летен одмор?
Речиси и не постои професија од која не сум сретнал Македонец кој работи некаде по светов. Сите тие млади луѓе од таа моја генерација, млади образовани, стручни и жедни за успех се некаде надвор и носат благодет на некоја друга држава. Македонците создаваат иднина на туѓа почва, додека тука кај нас сè се распаѓа. Никој веќе незнае што е правило а што исклучок, никој не знае што е тоа вработување, нити што е тоа ден без да се зборува за политика, никој не знае да живее без партиска обоеност, а богами веќе само малкумина можат да живеат во оваа финасиска состојба.
До душа тие малкумина кои го собираат „кајмакот“ во оваа сега веќе „банана држава“ баш добро се снаоѓаат, толко добро што и шеик би им позавидел. Наеднаш оваа држава стана мајка на малкумина, а маќеа на многумина.
Денес ни остана само да се надеваме дека еден ден на чело на оваа држава ќе застане некој кој разбрал дека тој е избран да води а не да владее. Некој што не смета дека тој е ага или бег, туку само човек кој што ја добил честа да направи нешто повеќе за својот народ и татковина. Не верувам дека постои пример во историјата кадешто народот колективно е виновен за својата несреќа, можеби грешам, но промените обично почнуваат од еден човек, токму тој кој својата татковина ја гледа како светост а својата должност да и донесе благодет како своја најголема награда.
Сонува ли некој во оваа држава да биде новиот Гоце, Даме, Питу или Никола, или пак Филип или Александар? Кога ќе престанеме да сонуваме да бидеме наредниот Бранко, Љубчо или Никола? Кога ќе престанеме да сонуваме за богатење преку ноќ и созадавање лични империи и глорификации на личност? Ќе разбереме ли некогаш дека државата тоа сме ние, дека буџетот тоа се наши пари, дека иднината таа е за нашите деца?
И додека со тага во срцето седам и го пишувам текстов, иако знам дека наскоро пак ќе го пакувам куферот за да ја барам среќата некаде каде што не сум дома, и пак ќе ја бијам битката со визни системи, длабоко во себе се надевам дека еден ден сево ова ќе престане. Еден ден сите ние ќе бидеме само македонци! Нема повеќе да бидеме бугарофили, србомани, егејци, врмовци, сдсмовци, вакви или такви, туку само македонци. Луѓе кои со подигната глава со гордост во гласот ќе грмнат дека се македонци, дека оваа мајка Македонија ги одгледала и дека ова парче земја е нивниот дом кој не сакаат да го напуштат, затоа што тука е (вистинското) дома. Дека печалбата ќе престане да биде наша судбина.
Ќе се роди, ако веќе не се родил, човек што ќе ја врати гордоста на зборот македонец, а дотогаш народе македонски, изгубена генерацијо моја – доста молчиш. Молчеше доста долго, доста долго молчевте и вие квази интелектуалци и експерти, време е за промени, време е сами да ја создадеме својата иднина, доста беше пакување куфери за печалба, време е неспособните политичари, криминалци, арамии, квази-патриоти и сите други штетници да си заминат. Длабоко во себе верувам дека сите тие македонци, вклучувајќи ме и мене, еден ден ќе се вратиме. Порано или подоцна се ќе се смени. Еве денес тука се заветувам дека ние ќе бидеме тие кои ќе го трасираме патот кон една подобра, побогата, поуспешна, порамноправна и посреќна Македонија. Генерацијо моја, печалбарска и напатена, да им покажеме на сите овие корумпирани политичари како се сака својата земја.
Превземоено од блогот на Ристо Ѓорѓиев