Иако невработеноста во Шведска генерално не е во пораст, сепак се зголемува бројот на странците кои не можат да најдат работа, покажуваат последните статистички податоци од месец април.
Само 4,7% од луѓето родени во Шведска не се вработени, во споредба со доселениците од кои 21,4% се без работа. Вкупната стапка на невработеност во Шведска е околу 7,8% од кои поголемиот дел ги опфаќа странците.
„Јас сум загрижена бидејќи владата е слепа пред големите предизвици на интеграцијата на странците, кои очигледно нема намера да ги реши“, рече Елизабет Свантесон, портпарол на опозициската партија, како одговор на последната статистика.Таа тврди дека за шведската економија да остане силна, потребни се повеќе напори за зголемување на бројот на странците во пазарот на труд.
Владејачката коалиција составена од Социјалдемократската партија и Партијата на зелените, досега презеде неколку иницијативи чија цел беше да им помогне на доселениците, особено во однос на наоѓањето работа. Овие иницијативи вклучуваа субвенции за практикантите и вработените кои добиваа краткорочни договори. Исто така, беа организирани бесплатни курсеви по шведски јазик, бидејќи една од поголемите пречки за странците да најдат работа во оваа земја, е јазичната бариера.
Меѓутоа, критичарите тврдат дека Шведска има премногу кочници за доселениците и советуваа дека земјата треба да се осврне кон британскиот стил, помагајќи им на овие луѓе преку малку пониски плати во комбинација со даночни олеснувања. Министерката за финансии, Магдалена Андерсон, ја отфрли оваа идеја.
Агенцијата за вработување во Шведска, Arbetsförmedlingen, неодамна предвиде дека 60% од невработените лица во Шведска ќе бидат странци.
За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Шведска