Во пресрет на почетокот на главната туристичка сезона, кога македонските граѓани најчесто заминуваат на одмор со своите возила, Владата ја операционализираше најавата на премиерот Никола Груевски, дадена во Охрид минатиот викенд, за измени во цената на зелениот картон, при што покрај едногодишниот се воведе и едномесечен зелен картон. Тој ќе чини 30 евра за тие што имаат патнички возила до 66 киловати, а 50 евра за оние со повеќе од 66 киловати. За ова, утринава, од своите дирекции се известени подрачните канцеларии на осигурителните компании, а објавено е и соопштение на страницата на Националното биро за осигурување.
Македонските граѓани до септември 2011 година за зелен картон со важење од еден месец плаќаа 2.450 денари (40 евра), за три месеци 3.670, за половина година 5.500 денари, а за една година 9.760 денари (150 евра).
Извор: МЕТА