Централниот совет на Македонците во Германија денеска итно апелира кон владата на Германија и претставниците на медиумите да го свртат вниманието на предстојниот предизвик во врска со македонските патни документи.
Предстојниот рок за замена на патните документи претставува сериозна пречка за македонската заедница во Германија, особено за оние кои уште располагаат со документи со името на државата “Република Македонија”. Околу 100.000 Македонци кои живеат во Германија се засегнати од оваа ситуација, а моменталниот начин на регулирање на термините покажува дека овој проблем може да трае со години.
Спроведувањето на мерки за решавање на овој проблем е пред се одговорност на македонската влада. Централниот совет на Македонците во Германија апелира македонската влада да преземе веднаш соодветни мерки, вклучувајќи продолжување на рокот за замена на патните документи, обезбедување на дополнителни ресурси за забрзување на процесот и подобрување на комуникацијата со засегнатите граѓани.
Истовремено, се очекува од германската влада да ја поддржи македонската влада во извршувањето на овие мерки и да врши притисок за брзо решавање на проблемите. Недостатокот на примена на мерките може да предизвика проблеми за Германија, особено во врска со патниците и работата на имиграциските институции, што може да предизвика нови проблеми и други пречки.
Во врска со тоа, Централниот совет на Македонците во Германија апелира кон германската влада да дејствува и да ја поддржи македонската влада во превземањето на неопходните чекори за решавање на овој итен проблем.
Централниот совет на Македонците во Германија е достапен за повеќе информации и интервјуа и благодари за секоја поддршка во решавањето на ова важно прашање.