Промовирана „Најди ме“ – првата веб-страница во Македонија за исчезнати деца

Во функција денес е ставена веб-страницата „Најди ме“, која е дел од системот за рано предупредување исчезнати деца во Македонија. 

Министерот за образование, Јетон Шаќири, најави новини во новиот електронски дневник од второто полугодие за родителите веднаш да имаат увид дали нивното дете дента стигнало во училиште и дали е внесено во е-дневникот.

„Исчезнувањето личност без трага секогаш предизвикува огромна загриженост и страв кај членовите на семејството, пријателите и познајниците, чувства кои заедно со она најизразеното во моментот – беспомошноста, може да доведат до избрзани и непромислени постапки. Најсилни се емоциите кога исчезнува дете и затоа не постои дилема дали државата треба да има систем за рано предупредување за исчезнати деца“, истакна министерот Јетон Шаќири.

„Добро е што првиот чекор е направен. Имаме пилот-проект и огромна благодарност до сите што учествуваа во креирањето на оваа првична верзија на системот што денес ќе биде презентиран. Се надевам дека ќе биде ефикасен, но и верувам дека сите ние ќе се заложиме во иднина тој континуирано да се надградува, особено со примена на позитивни искуства од развиените земји“, рече Шаќири потецирајќи дека Северна Македонија е земја што ја има ратификувано Конвенцијата на ОН за правата на детето и, како што рече, ставот во однос на ова прашање, меѓу другото, може да го зацврсти и токму со воспоставување и примена на ваква алатка.

Министерот посочи дека образовниот систем има важна улога во раното предупредување за исчезнати деца и дека Министерството за образование и наука го става на располагање целиот свој капацитет во развојот на овој систем.

„Сите поминуваат низ системот на образование, а тој игра клучна улога во раното откривање исчезнати деца. Наставниците и училишниот персонал често се првите што забележуваат кога детето е отсутно или, пак, детектираат кога тоа е во некаков ризик, кој се манифестира преку неговото однесување, изглед и слично. Од друга страна, пак, токму во училиштата и преку наставата и воннаставните активности децата се запознаваат со потенцијалните опасности што ги демнат. Така ќе биде и понатаму. Едукативните содржини поврзани со оваа тематика веројатно ќе стануваат сè позастапени“, рече Шаќири.

Додаде дека МОН ќе продолжи да се заложува за унапредување на безбедноста на учениците не само во рамките на училишните објекти туку и надвор од нив заедно со другите надлежни институции, како МВР, но и локалните самоуправи, самите училишта и партнерските организации.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија

Приклучете се на БАРМЕР, надоброто здравствено осигурување во Германија