Германија мака мачи да најде работници за одредени бранши. Ситуацијата е особено тешка во браншите кои беа погодени од локдауните за време на пандемијата. Оние што биле отпуштени, не сакаат да се вратат.
Иако рестораните и хотелите повторно работат и има побарувачка, бројот на вработени во овие бранши останува под нивото кое го имаше пред пандемијата. Тоа го покажуваат податоците на Сојузната агенција за работа кои ги објави политичкиот магазин Панорама на телевизијата АРД. Според овие податоци, во јули 2021 година во угостителството биле вработени 15,6% луѓе помалку отколку во истиот месец пред пандемијата, значи јули 2019 година. Тоа во конкретна бројка изнесува 272.812 вработени помалку.
Короната го поттикнува недостигот од работна сила
„Во голем дел од услужните дејности кои беа особено погодени од затворање на фирмите мора да се зборува за корона-шок“, вели економистот Штефан Зел.
Германскиот пазар на работна сила страдаше од недостиг на работници уште пред пандемијата. Причина за тоа пред сѐ се демографските промени: Генерацијата на „Baby-Boomer“-те оди во пензија, а на пазарот на работна сила доаѓаат сѐ помал број млади луѓе. Институтот за истражување на пазарот на работна сила и професиите (ИАБ) со години укажува дека на Германија ѝ се неопходни по 400.000 работници годишно за да се спротивстави на надолниот тренд.
Короната во одредени бранши делуваше „како забрзувач на пожар“ во делот на недостиг од работна сила, вели Зел. Во моментов се особено погодени професиите каде платите се мали, како во угостителската бранша и хотелиерството. „Тие добија многу малку помош од државата, така што имаше голема причина во последните месеци да се направи обид за барање работа во други бранши за да може да се преживее.“
Една четвртина помалку „мини џобери“ во угостителството
Намалувањето на работниците кои имаат т.н. „мини џоб“ (заработуваат максимално 450 евра месечно, н.з.) е особено намален во угостителството. Во јули 2021 година, според податоците на Сојузната агенција за работа, во угостителството имало 25% помалку „мини џобери“ отколку во јули 2019 година. Пандемијата тешко го погоди и воздушниот сообраќај и многу го заостри негативниот развој кој беше забележлив во последните години. Според податоци на синдикатот Верди, изминатото лето браншата ја напуштиле дури 44% од вработените во воздушниот сообраќај кои работат на земја, како на пример луѓе кои ги чекираат патниците, или луѓе задолжени за багажот. „Ситуацијата е алармантна“, вели Мира Нојмајер од синдикатот Верди за магазинот Панорама. „Беше јасно дека лошите услови за работа и големиот број договори за работа на ограничено време се голем проблем, што сега, во кризна година, за последица има заминување на луѓето.“
Поради недостигот на работна сила некои од угостителските објекти ја ограничуваат својата работа. „Го намаливме работното време“, објаснува хамбуршкиот хотелиер Никлаус Кајзер фон Розенбург, кој е потпретседател на Германскиот сојуз за хотелиерство и угостителство (ДЕХОГА) во Хамбург. Порано во гастрономијата се имаше „стопроцентна сигурност на работното место“, вели Кајзер фон Розенбург. „Ова чувство на сигурност е трајно нагризано од корона-кризата.“
Работниците бараат работни места кои се сигурни во криза
Многу фирми плаќале повеќе од она што е предвидено со тарифните договори, но тарифите во хотелиерството и гастрономијата се посебно ниски, нагласува Кајзер фон Розенбург. „Единствениот излез се значително повисоки цени за гастрономските услуги“, вели хотелиерот.
Не е мал бројот на работниците кои работеле во оваа бранша, ја напуштиле во пандемијата и не сакаат веќе да се враќаат назад. „Ми се случи промена во размислувањето. Сакав работа во која нема да завршиш на улица од денес за утре поради некакви влијанија“, вели еден поранешен техничар, кој работел за различни авиокомпании, а кој сега работи како разнесувач на пакети за ДХЛ во Берлин. „Парите сигурно играат улога, но за мене најважна беше сигурноста на работното место.“
Жена која работела во хотел во Хамбург, а која преминала да работи како тим-асистентка во фирма за недвижности, вели: „Короната ми ги отвори очите. Да не беше локдаунот, сигурно сѐ уште ќе бев во хотелот. Вака ми стана јасно колку се таму тешки условите за работа. И, станав свесна дека постојат алтернативи кои се многу поатрактивни.“ Уредно работно време, повеќе пари, поголемо признание – сето тоа се аспекти кои се одлучувачки за оние кои го менуваат работното место.
Каде заминале работниците за време на пандемијата сѐ уште не е истражено детално. Но, експертите претпоставуваат дека многумина заминале во бранши кои сега бележат бум, како логистика или трговија на мало, и не сакаат веднаш да се вратат назад. Притоа, тие профитираат од една фундаментална промена, потенцира Зел: „На многумина сега им се нуди шанса да најдат алтернатива и во секторот на ниски плати. Веќе не се приморани да останат на работното место, туку се има сѐ повеќе можност да се промени браншата и да се оди онаму каде условите за работа се подобри. А, тоа не мора секогаш да значи само поинаква плата.“
Извор: Dw.com
За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија.