Германија периодов се соочува со рекорден број на странци кои нелегално престојуваат во земјата. Шефот на федералната полиција, Дитер Роман, изјави дека годинава биле приведени 63.000 илегалци.
Само минатиот викенд, биле евидентирани околу 3.000 вакви случаи. Вкупниот за оваа година досега веќе ја надминува минатата, кога биле приведени 57.000 илегалци. Оваа бројка лани била рекорд од обединувањето на Германија во 1990 година.
Најголем дел од илегалците се баратели на азил. Досега околу 179.000 бегалци аплицирале за азил во Германија – двојно повеќе од бројката за првата половина од минатата година. Најбројни се оние од Сирија, Еритреја и Авганистан, како и од балканските држави како што се Косово, Србија и Албанија.
Како што се зголемува бројот на илегалците, се зголемува и бројот на шверцерите. Околу 1.500 шверцери биле уапсени оваа година, во споредба со лани кога бројката изнесувала 2.100.
Роман предупреди дека австриската граница со Баварија е особено големо жариште, каде полицијата на Минхен евидентира голем број случаи. Но, ваквиот проблем не се јавува само во оваа покраина.
„Сите власти во Германија се соочуваат со овој проблем“, изјави Роман. Полицијата со месеци се обидува да ги евидентира сите илегалци приведени на австриската граница, земајќи им отпечатоци. Властите проценуваат дека околу 45.000 илегални имигранти влегле во Германија без да им се земаат отпечатоци од прсти, да бидат фотографирани и внесени во системот.
Јорг Радек од федералната полиција, изјави дека властите едноставно немаат доволно персонал и опрема за да се справат со новите и сложени проблеми со кои се соочуваат.
Додека пак министерот за внатрешни работи, Томас де Мезиер, повика на поголема помош кон барателите на азил – не само при сместување и интегрирање, туку и при регистрација по влезот во земјата.