Многумина од вас ме прашуваат за совет како да успеете во Германија. Да успееш значи да најдеш добра работа во својата струка и да постигнеш хармоничен живот во странска земја. Па, еве накратко како јас го направив тоа.
1. Не се задоволувајте со помалку од она што вредите
Како што еден Германец не би работел како, на пример, Buchhalter или книговодител за минимална плата, така не треба ни вие. Прогуглајте ја просечната плата за државата и вашиот регион за занимањето за кое аплицирате (на пр. овде: www.gehaltsvergleich.com) и врз основа на тоа кажете му на потенцијалниот работодавач која плата сакате/очекувате. Очекувајте нешто потпросечно на почетокот, но немојте да одите премногу ниско бидејќи како што тие ви требаат ВАС, така и ним им требате ВИЕ.
Јас на почетокот од очај се нудев на фирми за 1.000 евра месечно или уште помалку и тоа го пишував во апликациите, не знаејќи дека пред се, бруто плата од 1.000 евра е забранета со закон бидејќи е под законскиот минимум за работа со полно работно време (минималната бруто саатница во Германија моментално е 12,71 €!), а второ, звучев очајно и секако никој од нив не ме ни покани на интервју за работа.
Втората грешка што ја направив беше тоа што кога конечно ја добив првата работа во професијата по неколку месеци потрага, од среќа и очај веднаш се согласив на првата плата што ми ја понудија. Буквално дај шта даш! Сепак платата не беше многу лоша, но мислам дека можев да преговарам за 200 евра повеќе затоа што, на крајот на краиштата, тие беа оние кои МЕ сакаа. Претпоставувам дека не можев да верувам дека компанија во Германија навистина ќе ме посака.
Ете сега знаете – вие им требате НИВ исто колку и тие што ви требаат ВАС.
И запомнете – во поголемите градови платите обично се неколку стотици евра повисоки, и обратно. Нема да добивате иста плата во Дизелдорф и Солинген. Идеално е да живеете во помал град со евтина кирија, а да работите во поголем, ако парите ви се поважни.
2. Не прифаќајте работи кои не се поврзани со вашата професија
Освен ако навистина морате или сакате да ја развиете својата кариера во друга насока. Разбирам дека ова правило за некои е тешко или невозможно да се спроведе, затоа што не се живее од воздух, па затоа апелирам до оние кои можат да си дозволат неколку месеци без плата. Од перспектива на работодавачот, неколку месеци невработеност и учење јазик изгледаат подобро на CV отколку две години келнер. Таквите, за жал, ретко се земаат предвид подоцна за посериозна канцелариска позиција.
Колку подолго сте надвор од професијата и колку подолго имате пауза, толку потешко ќе се вратите на професијата бидејќи мислат дека по таква пауза повеќе не знаете како да ја работите својата работа. Од моето искуство, континуитетот е важен во Германија. На интервјуто попрво ќе ве замолат да им кажете за вашиот работен и животен пат, вклучувајќи ги хобијата и приватниот живот, отколку да ви дадат разни тестови за да им докажете дека навистина знаете како да го направите тоа, бидејќи речиси секој може да научи основна канцелариска работа, дури и ако немаат воопшто или имаат многу мало искуство.
3. Агенциите за вработување не се зло
Испративте околу 100 апликации и сите до една резултираа со одбивање. Тоа не значи дека сте лош работник, но компаниите, особено големите, често не се осмелуваат да ризикуваат со странци на кои германскиот не им е мајчин јазик или барем на ниво Б2. Главната причина за тоа е што покрај вас, за истата позиција се пријавиле околу 30 Германци и исто толку странци кои се родени или поголемиот дел од животот го поминале во Германија и тука го завршиле своето образование.
Дури и најлошата германска диплома, за жал, сепак вреди повеќе од странска диплома.
Што не значи дека не треба да се запишете на некој Ausbildung и студии за да се вработите. Никогаш не оди ни еден чекор пониско од дипломата што веќе ја имаш, освен ако тоа не е диплома што е целосно непризнаена во Германија. Со тоа се потценувате и себе си и државата и институцијата што ја издала дипломата. Застанете во одбрана на себе и вашите макотрпни студии и докажете им дека вие (ние!) сте исто толку вредни!
Затоа, обидете се и со Zeit фирмите. Нивната работа е да ви најдат работа и имаат многу добра причина да се обидат да ви најдат работа – затоа што вие сте нивниот приход. Ако, на пример, бруто платата за работното место е 2.500 евра, истиот работник ќе ја чини компанијата двојно повеќе преку Zeit фирмата (да, документите ги имам видено со свои очи!).
Па зошто една компанија би вработила работник преку Zeit компанија? Главната причина е одговорноста, односно немањето одговорност од страна на компанијата за тој работник, што значи дека тие можат да се ослободат од вас кога сакаат ако не им одговарате од која било причина, а што повторно значи дека вие се на тенок мраз првите неколку месеци и морате да ја шармирате компанијата во која работите под договор со Zeit фирмата.
4. Напишете ја вашата биографија
Неколку работи кои што кај нас се дискриминација овде во Германија се задолжителни. Тоа се слика (професионална, но со насмевка – види под Bewerbungsfoto), личен статус (самец, оженет итн.), број на деца и хоби. Исто така се внесува и незавршено образование (ако, на пример, сте го напуштиле факултетот – бидете подготвени да ги објасните причините зошто сте се откажале од факултетот).
Без овие информации, вашите шанси се значително намалени. Дополнително, биографијата не смее да биде подолга од две страници, освен во посебни случаи кога имате долгогодишно работно искуство и мора да биде испратена во PDF формат (Word е излезен од мода и на работодавачот му дава знак дека сте малку непрофесионален и не ги следите трендовите во деловниот свет).
Исто заборавете на Еуропас. Германците, како и сите народи, не ги фаворизираат премногу своите соседи, односно нештата што првично доаѓаат од нив, во овој случај од Бенелукс.
5. Бидете брзи и прецизни во работата, но не работете прекувремено ако навистина не морате и не преземајте дополнителни задачи кои не ви се дадени
Ако се трудите премногу, другите може да изгледаат како да се мрзеливи (што се повеќето луѓе длабоко во себе, сакале да признаете или не. :)) Бидете коректни, научете брзо, барајте помош, но не постојано и долгорочно, затоа што ќе почнете да ги нервирате.
Имам пример од мојата компанија. Вработивме една Германка која и по неколку месеци постојано поставуваше прашања во текот на работниот ден и така ги успоруваше останатите кои не можеа да се концентрираат на својот дел од работата. Непотребно е да се каже дека следеше неславното отпуштање во пробниот период. Добро е што не сакаше да ризикува да ја заврши работата погрешно, но после 2 месеци се очекуваше многу поголема независност од неа.
Затоа, бидете независни и работете ја својата работа брзо но прецизно, а подобро запишувајте белешки отколку постојано, дури и по неколку месеци, сè уште нешто да преиспитувате и да барате помош во ситуации кои се повторуваат секојдневно или често на работа.
Побарајте помош само кога ќе се најдете пред ѕид, односно кога ни по истражување не сте успеале сами да најдете решение или кога ќе ве притиснат рокови.
6. Учете германски
За нас економистите германскиот е се! Секогаш може да се најде работа само со познавање на англиски јазик, но таквите работни места се многу малку и тоа се претежно високи менаџерски позиции и ретки работни места со голема одговорност за кои има малку експерти или најниските позиции.
Како воопшто да се започне? Задолжително ако можете, завршете Integrationskurs. После тоа (односно ниво Б1), можете да започнете посериозна потрага по работа во професијата. Многупати спомнав дека германскиот јазик отвара безброј врати и тоа е вистина.
7. Поминувајте што е можно повеќе време со Германци и други странци
Ќе ви се отворат нови видици, искуства и начини на размислување за кои не сте ни знаеле дека постојат. Ќе научите и доживувате уникатни работи и ситуации и засекогаш ќе го збогатите вашиот професионален и приватен живот!
Не секое искуство ќе биде пријатно и убаво, но ќе ве научи нешто повеќе за самиот живот што сигурно не би го научиле во татковината и ако времето го поминувате само со сонародници.
8. Штедете
Освен киријата која варира од град до град, навистина е поволно да се живее во Германија. Храната и основните потреби се двојно поевтини од, на пример, во Македонија. Почестете се со забава и патување, но умерено. Се е полесно со неколку илјади евра дополнително на сметката, а со работа навистина не е тешко да се дојде до нив. Почетокот не е време за губење. Ќе дојде тоа време. Со време 🙂
9. Постојано запознавајте нови луѓе
Дружете се со македонци од вашата околина на Фејсбук, а на курсеви и на излегување правете го тоа со странци. Вмрежувањето никогаш не заземало толку размери како во денешното време кога стана СЕ. Важно е да познавате што е можно повеќе различни профили на луѓе. Ем за бенефитот (разни попусти на работи и совети при купување), ем затоа што никогаш не знаеш во каква ситуација ќе се најдеш. Можеби ќе ви треба помош еден ден и ќе ви биде многу полесно ако можете да се обратите кај некого за тоа.
10. Замолете ги Германците да ви го поправат говорот и пишувањетокога правите грешки
Според моето искуство повеќето германци нема да сакаат да ве корегираат, но оние што ќе се согласат ќе бидат од голема помош. Првата година, моите германски колеги ја прегледаа речиси целата кореспонденција и важни мејлови што ги напишав до трети лица, што го забрза моето владеење на јазикот за 1000%!
Денес сум 95% целосно независен во мојата професија, што е огромно подобрување за некој кој е во Германија само помалку од 3 години и почнал да го учи јазикот речиси од нула. Одвреме-навреме се чудам колку добро зборувам германски, а ме споредуваат и со луѓе кои се 10-20 години во Германија.
11. Излегувајте, движете се меѓу луѓе што повеќе!
Најлошото нешто што можете да го направите додека сте сами во туѓа земја е да се забарикадирате во вашите четири ѕида и тоа тешко време да го поминете далеку од семејството и татковината сами со вашите мисли и на релација работа – дома – работа.
Носталгијата е гадна работа и иако понекогаш е неизбежна, пожелно е што повеќе да се одложува.
Постои голема веројатност дека од 100 луѓе што ќе ги сретнете, 90 од нив ќе бидат злонамерни и себични гадови кои би ви го свртеле грбот во секоја непожелна ситуација, но без сомнение останатите 10 ќе бидат вистинските пријатели подготвени да помогнат, а после некое време и тие ќе станат вашето второ семејство, како што станаа моите за мене.
Секогаш ќе имам каде да се вратам во Германија, па дури и кога ќе го напуштам станот, сигурно ќе имам покрив над главата со моето ново германско семејство некое време, ако некогаш одлучам да се вратам во оваа земја на соништата и можностите.
Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.