Обемната истрага на германската полиција во градот Минстер заврши со голема акција во која беа уапсени 11 лица осомничени за педофилија, злоставување деца, произведување, поседување и ширење на детска порнографија.
Досега се идентификувани три жртви во истрагата, на возраст од 5, 10 и 12 години, а се работи на идентификување на останатите, објави Deutsche Welle.
Истражните органи со месеци ги анализирале доказните материјали и се сомневале дека постои организирана педофилска мрежа.
Јоахим Пол, шефот на истрагата што ја шокираше Германија, изјави дека децата биле дрогирани пред да бидат однесени во викендичка и „злоставувани со часови“.
Вмешани и роднини на жртвите
Седум од осомничените се уште во притвор, меѓу кои и 27-годишен маж, ИТ техничар, и неговата 45-годишна мајка.
Апсењата биле извршени во Северна Рајна-Вестфалија, Хесе и Долна Саксонија, откако полицијата открила енкриптирани податоци на хард дискови скриени на лажен таван во подрум во Минстер што му припаѓа на 27-годишниот маж.
Инспекторите велат дека биле запленети над 500 терабајти податоци од просторијата што била пренаменета во климатизирана сервер-соба.
Главната жртва во истрагата е 10-годишно момче кое е син на партнерката на 27-годишниот маж, идентификуван како Адријан Ф. Петгодишната жртва е син на друго осомничено лице од градот Штофенберг во Хесе, на околу 200 километри од Минстер.
Дванаесетгодишното дете е внук на осомничен од градот Касел, во близина на Штофенберг. Инспекторите го препознале од видеоснимките на кое било заедно со 10-годишното дете.
Полицијата соопшти дека 27-годишниот маж бил во контакт со педофилите на Darknet каде им нудел деца за злоставување.
Инспекторите увиделе дека на видеоснимките што ги запленила полицијата се повторува ликот на десетгодишното момче. Соседите често го гледале детето како си игра надвор. Никој ништо не забележал, но тоа момче и уште едно петгодишно дете биле грозоморно злоставувани една априлска ноќ од страна на четворица возрасни мажи.
Две од идентификуваните жртви се згрижени од социјалните служби.
Полицијата смета дека мајката на 27-годишниот осомничен му дала пристап до викендичката, знаејќи дека ќе ја користи за злоставување деца. Внатрешноста на викендичката била опремена со видеокамери и други гаџети.
Извор: Кајгана