Највисоката скала која можете да ја постигнете со преселување во САД, е да добиете американско државјанство. Оваа можност е отворена само за одредени луѓе кои имаат регулиран престој во САД (најчесто преку т.н. зелена карта), зборуваат англиски и ги исполнуваат останатите услови.
Пред да аплицирате за американско државјанство, треба да бидете сигурни дека ги исполнувате следните критериуми:
1. Сте имале регулиран престој во САД (зелена карта) во времетраење од 5 години
Најчесто важи правилото дека потребно е да сте живееле во државата минимум 5 години пред да добиете државјанство, но за одредени апликанти се прават исклучоци. Така на пример, порано од предвидениот рок може да аплицира брачиот другар на американски државјанин, под услов да биле во брак и да живееле заедно 3 години; бегалец или политички азилант; член на американската војска, како и вдовица или вдовец на американски војник; и брачниот другар на државјанин на САД кој работи во странство.
Забелешка: Препорачливо е молбата за државјанство да ја поднесете 90 дена пред да поминат потребните години за престој, бидејќи треба да помине определено време за Вашата апликација да биде разгледана.
2. Сте биле „физички присутен“, односно сте живееле во САД најмалку половина од потребните години за престој
3. Сте биле континуирано присутен во САД
Тоа значи дека не сте поминале повеќе од шест месеци во странство.
4. Сте живееле во иста американска држава или USCIS област во период од три месеци пред да аплицирате за државјанство
Ова е лесен услов за да се добие, но доколку го немате, ќе чекате уште неколку месеци.
5. Имате најмалку 18 години во моментот на поднесување на пријавата
Во некои случаи државјанство можат да добијат и деца преку нивните родители кои веќе имаат државјанство.
6. Сте покажале дека ги почитувате правилата во државата
Ова значи дека сте ги плаќале даноците, не сте извршиле кривично дело и сте покажале дека сте одговорен член на заедницата.
7. Можете да зборувате, читате и пишувате на англиски јазик
Тестирањата се вршат за време на интервјуто во USCIS канцеларијата.
8. Сте поминале краток тест за американската историја и влада
Ова е тест кој се прави усмено, за време интервјуто. Сите можни прашања ќе Ви бидат достапни претходно за да можете да ги научите.
9. Сте покажале дека сте подготвени да ѝ служите на американската војска доколку е потребно
Откако ќе помине интервјуто и добиете зелено светло, следи церемонијата на која ќе положите заклетва за верност кон државата.