Швајцарските закони кои го регулираат државјанството, поминале низ драматични промени во последниве 20 години. На пример, жена која има швајцарско државјанство, повеќе не може да го изгуби ако се омажи за странец.
За да станете жител на Швајцарија, во основа постојат три начини: со раѓање, со брак (но ова не е автоматски) или со натурализација. За разлика од САД, Швајцарија не им дава државјанство на децата кои се родени во оваа држава под автоматизам. Едно лице може автоматски да стане швајцарски државјанин ако е дете од брак во кој барем еден родител е Швајцарец.
Во Швајцарија законски граѓаните можат да имаат повеќе државјанства. Доколку сте се преселиле во оваа земја и сакате да добиете државјанство, еве на кој начин можете да го сторите тоа.
Редовна натурализација
Оваа натурализација важи за странците кои немаат директна крвна врска со Швајцарија, не се родени таму, ниту пак склучиле брак со швајцарски државјанин. За нив важи следното правило – треба да живеат во земјата најмалку десет години (овој рок е намален од 12 години со новиот закон усвоен во јуни 2014 година) пред да можат да аплицираат за државјанство. Годините поминати во земјата меѓу 10 и 20-годишна возраст се сметаат двојно. Лицето мора да биде добро интегрирано, запознаено со обичаите и традициите на Швајцарија, треба да го почитува законот и да не претставува закана за внатрешната или надворешната безбедност.
Доколку се исполнуваат овие услови, Државниот секретаријат за миграција ќе даде зелено светло на барањето и ќе се започне процесот на натурализација. Но, тоа не значи дека со сигурносст ќе добие државјанство. Ова е така бидејќи кантоните и општините во Швајцарија си имаат свои посебни барања кои мораат да бидат исполнети. Еден кантон на пример, може да бара кандидатите да живеат две години во регионот, додека друг може да бара да живеат во одредена област цела деценија.
Олеснета натурализација
Странците кои во брак со швајцарски државјанин или пак се деца на еден швајцарски родител (а сè уште немаат швајцарско државјанство) можат да аплицираат по брза постапка. Лицето мора да биде добро интегрирано, да ги почитува законите и да не претставува опасност за надворешната или внатрешната безбедност на Швајцарија. Притоа во овие случаи кантоните и општините немаат дополнителни барања кои мораат да бидат исполнети.
Ова правило главно се однесува на странци кои биле во брак со швајцарски државјанин најмалку три години и живееле во Швајцарија вкупно пет години, вклучувајќи ја и годината непосредно пред поднесување на барањето. Лица кои се „во блиски врски“ со Швајцарија, исто така можат да аплицираат за брза постапка, дури и ако живеат во странство. Во тој случај, лицата мораат да се во брак најмалку шест години, а брачниот другар мора да има швајцарско државјанство пред да се венчаат. Децата од ваков брак кои се под 22 годишна возраст, а не стекнале швајцарско државјанство, можат да поднесат барање под услов да живееле во земјата најмалку пет години – вклучувајќи една година пред да се поднесе апликацијата.
Дете кое е родено надвор од бракот, може да поднесат барање за државјанство откако ќе наполни 22 години, под услов таткото да го признае како негово. Детето мора да има блиски врски со државата.
Повторна натурализација
Како и за олеснетата натурализација, повторната натурализација е во надлежност на Конфедерацијата. Кантоните и општините имаат само право на жалба. Основниот критериум за повторна натурализација е блиска поврзаност со Швајцарија. Повторната натурализација е наменета за лица кои го изгубиле швајцарското државјанство (заради одземање, брак или ослободување од швајцарското државјанство). Како и кај другите видови на натурализација, апликантот мора да биде добро интегриран, да ги почитува законите и да не претставува закана за внатрешната или надворешната безбедност на Швајцарија.
Повеќе информации можете да прочитате на следниов линк.
Ако ви се допадна статијата, а и за повеќе вакви и слични теми придружете ни се во нашата група Македонци во Швајцарија