Шведска е една од земјите кои нудат најдобри услови за работниците, а ова уште еднаш го докажа со намалување на работното време на шест часа. Имено, во февруари оваа година, Швеѓаните спроведоа експеримент со кој ја оценија продуктивноста на работниците во однос на работното време. Експериментот кој бил направен во старечки дом во Гетеборг, покажа дека работниците се многу попродуктивни доколку нивното работно време е пократко. За да ги покријат тие два часа, Швеѓаните дополнително вработија персонал, а платите останаа исти.
Експериментот покажал дека тие два часа направиле драстична разлика.
„Порано се чувствував многу истоштена, ќе дојдев дома и ќе легнев на каучот“, изјави 41 годишната Лиса-Лоте Патерсон, која работи како медицинска сестра во старечкиот дом во Гетеборг. „Сега имам многу повеќе енергија и за работата, но и за семејниот живот“, додаде таа.
Овој експеримент поттикнал и многу други работодавци да го применат истото. Одделот за ортопедска хирургија при Универзитетската болница во Гетеборг, го скрати работното време за два часа, а истото го направија и два оддели во една болница во северна Шведска.
Сервисните центри на Тојота во Гетеборг, работното време го скратиле на 6 часа уште пред 13 години, без да ја намалат платата. Пред да ја донесат оваа одлука, клиентите биле незадоволни, бидејќи работниците често грешеле при работата. Наместо работното време да трае од 7 до 16 часот, тие вовеле шестчасовно работно време со пократки паузи.
27 годишниот Мартин Геборг, работи со сервисен центар на Тојота веќе 8 години. „Моите пријатели ми завидуваат“, вели тој. Покрај скратеното работно време, тој изјавил дека предност е и тоа што ги избегнувате гужвите во сообраќајот.
„Супер е да завршите со работа уште во 12 часот напладне“, изјавила 25 годишната Сандра Андерсон која веќе подолго време работи во оваа команија. „Порано можев да одам на плажа после работа, а сега попладнето го поминувам со моето бебе“, додаде таа.
Овој тренд на намалување на работното време, не е ограничен само на јавниот сектор. Многу приватни фирми веќе почнаа да го применуваат овој метод, со цел да ја зголемат продуктивноста кај нивните работници.