И покрај зајакнувањето на нејзината економија, Шпанија и понатаму ја има една од највисоките стапки на невработеност во ЕУ. Според најновите податоци објавени од страна на Министерството за вработување, невработеноста во Шпанија бележи ниво од 22,4%, што ја става оваа држава на второ место во ЕУ, веднаш после Грција.
Посакувајќи го само најдоброто за своето дете, еден родител објавил оглас во весникот Ел Хералдо де Арагон, во кој вели дека ќе му плати 5000 евра на оној кој ќе го вработи неговиот син.
„Мојот син е очаен“, рече таткото кој сака да остане анонимен. „Како родител, не можам да ја гледам неговата болка, а да не преземам ништо“, додаде тој.
Родителот кој е по потекло од Хуеска, сега живее во Мадрид. Тој е адвокат, но половина од својот живот го поминал работејќи во јавна администрација. Неговиот син, кој е 39-годишна возраст, веќе неколку месеци се обидува да најде работа во својот роден град.
Огласот се појави во весникот Хералдо де Арагон на 28 август. Во него, таткото напишал дека неговиот син е квалификуван, одговорен и вреден. Тој работел во неколку ИТ компании, но поради економската криза, останал без работа.
„Можеби објавувањето на овој оглас се чини несоодветно, но јас веќе немам срам од ништо“, рече таткото кој изјави дека досега добил околу 20 повици за огласот. Притоа, тој додаде дека не сака да поткупи никого, туку тие 5000 евра би биле еден вид на „економско партнерство“.
Оваа приказна е само еден пример кој зборува за состојбата во која се наоѓаат многу Шпанци. Невработеноста е голема, особено меѓу младите луѓе, кои сè повеќе ги користат своите квалификации за да заминат во некоја друга држава на ЕУ.