Ќе се отвори првиот социјален супермаркет во Шведска

Шведска е држава која е позната по еднаквоста меѓу граѓаните, но големиот јаз кој се појави меѓу платите, е главната причина оваа земја да го добие првиот социјален маркет. Оваа „банка за храна“ треба да биде отворена на есен, во Стокхолм. Маркетот ќе има за цел да им понуди евтини производи на граѓаните, кои всушност ќе бидат донација од страна на големите шведски фирми како што се како Hemköp и Willys, а во проектот ќе се приклучат и Coca Cola Sweden, Nestle Sweden и Vinnova.

Супермаркетот ќе нуди производи кои се пред истекот на рокот на траење, но сè уште може да се конзумираат, како и производи кои другите маркети не сакаат да ги пуштат во продажба, поради промена на брендот, пакувањето и слично. Според Аса Домеј која е шефицата на одделението за општествена одговорност на еден од најголемите синџири за храна во Шведска Аксфуд, намалувањето на количините храна кои се фрлаат е значајно за заштита на околината, како и за одржливост на бизнисот. На тој начин, дополнително ќе им се помогне и на оние кои не можат да си купат храна по пазарна цена.

„Долго размислувавме како да ги искористиме донациите во храна и на достоинствен начин да ги споделиме со луѓето на кои им е потребна. Овој модел се покажа како многу успешен.“ вели Марија Марковиц, директорка на Stockholm Stadsmission.

Ова ќе биде прв ваков супермаркет во Скандинавија.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Шведска