ОАЕ воведе нови законски мерки за странските работници

Обединетите Арапски Емирати донесоа нови мерки во Законот за работни односи, со кои ќе создадат подобри пофлексибилни услови, особено за странските работници. Реформите се однесуваат на договорите за работа, поточно престанокот и менувањето на работни места низ земјата. Истите ќе стапат на сила во јануари 2016 година.

Според првиот декрет, работодавачите мораат да ги следат стандардизираните договори за вработување изготвени од Министерството за труд. Условите во таквите договори не смеат да се менуваат, освен ако тоа не е одобрено од страна на Министерството. Договорот треба да биде потпишан од страна на работникот, а потоа истиот да биде доставен до Министерството за труд, со цел работникот да добие дозвола за работа.

Вториот декрет ги утврдува посебните услови за времетраењето на договорот за работа. Ваквите договори се во времетраење од 2 години, но работодавачот има право предвреме да го прекине договорот. Во овој случај, тој треба да го извести работникот најмалку еден месец претходно.

Третиот декрет се однесува на правото на работниците да го сменат своето работно место, по завршување на најмалку шест месеци од вработувањето.

„Новите правила ќе донесат поголема транспарентност, но и построг мониторинг на условите наведени во Договорот за работа“, изјавија од Министерството за труд. Министерот за труд, Сакр Гобаш, нагласи дека новите правила ќе обезбедат и поголема флексибилност, особено за странските работници.

Во моментов Обединетите Арапски Емирати се обидуваат да привлечат квалификувани работници од целиот свет, особено поради тоа што Дубаи се подготвува да биде домаќин на Експо 2020 година. Бројот на доселеници во ОАЕ моментално изнесува дури 85% од вкупното население.