Постапка за добивање работна виза за Германија

По стапување во контакт и договарање со потенцијалниот работодавец од Германија, треба да склучите работен договор. Потпишувањето на работниот договор може да се организира за време на туристички престој во Германија за кој не е потребна виза.

Откако ќе се потпише договор за работа, во амбасадата се поднесува барање за виза. Амбасадата го разгледува барањето и проверува дали документите се комплетни; Листата на потребни документи можете да ја видите овде.

Во случај кога барањето е одобрено, барателот на виза добива виза во времетраење од три месеци. По влегувањето во Германија, надлежната Управа за странци ја заменува оваа виза со дозвола за престој односно работна дозвола.

Аплицирањето за виза е лично на шалтерите од Одделот за визи. Процедурата трае во просек 6 до 8 недели. Термините се закажуваат преку CallCentar на 058 058 777. Согласно одредбата за вработување, службите за странци во Германија можат да издадат и така наречена „сина карта“ за ЕУ.

Сината карта за Европска Унија е дозвола за престој која се издава во Германија по добивањето на соодветна работна виза (или виза за приклучување кон семејството кога сопругот/сопругата е носител на сина карта). Наменета е за регулирање на престојот на стручен кадар од кој има недостиг во Германија.

Постојат две групи:

  • Група 1: Сина карта за годишна бруто плата од најмалку 46.400 евра. Ова најчесто се лица со завршено високо образование во Германија.
  • Група 2: Сина карта за годишна бруто плата од најмалку 36.192 евра (доколку станува збор за работно место во групата на професии за кои постои недостиг од кадар во Германија). Во моментот тоа се однесува на следните области/професии: природни науки, математичари, инженери, лекари, информатичари и комуникациски технолози,

Од 01.07.2013 г. за одредени професии се бараат и стручни кадри, кои редовно ги огласува Сојузната агенција за вработување на својата веб страница. Тоа се на пример професии од електро/машинската струка, здравствена и болничка нега и нега за стари и изнемоштени лица. Предуслов за издавање на дозвола за работа на овие стручни кадри, освен бараните квалификации, е и работно искуство од најмалку 2 години или соодветна квалификација во посакуваната струка. Притоа Централата за посредување на стручни кадри при Агенцијата за вработување на Германија проверува дали квалификацијата е соодветна за работното место за кое лицето има склучено договор за работа.