ПочетнаАктуелноПремиерот на Холандија објаснува зошто оди на работа со велосипед

Премиерот на Холандија објаснува зошто оди на работа со велосипед

Со преубав поглед кон езерото Хофвијвер, готскиот дворец Биненхоф се наоѓа во срцето на Хаг, а во него е сместена владата на Холандија. Затоа, не е чудно што холандскиот премиер Марк Руте ужива да оди на работа со велосипед.

– Не возев велосипед речиси 10 години. Но, во последниве две години повторно имам мој велосипед и кога временските услови ќе ми дозволат, го користам како превозно средство до работа – изјави тој за Светскиот економски форум.

Холанѓаните се познати по својата љубов кон велосипедите. Минатата година оваа земја имала повеќе велосипеди отколку жители: 23 милиони наспроти 17 милиони. Повеќе од четвртина од сите патувања во Холандија се со велосипед, а од нив четвртина се патувања до работа.

Холандскиот премиер објаснува зошто долго време ова е феномен.

– Холанѓаните сакаат да користат велосипеди бидејќи сме мала земја. Мораме да стигнеме од точка А до точка Б. Секако, одењето со автомобил е опција, но тоа подразбира метеж во сообраќајот и негативно влијание врз животната средина. Уште од 19 век навикнати сме да користиме велосипед – вели тој.

Рамниот пејзаж на Холандија е совршен за патување со велосипед. Но, исто така, сообраќајната инфраструктура е внимателно изградена за да се промовира превозот со велосипед.

Постојат над 35.000 километри велосипедски патеки, а најголемиот подземен паркинг за велосипеди во светот се наоѓа во Утрехт.

Руте признава дека е импресиониран од тоа како функционира системот.

– Воодушевен сум колку посебни семафори има за велосипедистите и од патеките за велосипеди што ги имаме сега – многу повеќе отколку пред 10 години. Тие не се наоѓаат само во градовите, туку и во помалите средини, што го прави возењето велосипед многу безбедно и едноставно, особено за малите деца кога одат на училиште.

Здраво за луѓето и за планетата

Здравствените придобивки од возењето велосипед се добро познати: се намалува ризикот од болести како што се дијабетесот и кардиоваскуларните болести, а придонесува и за подобро ментално здравје.

Истражување од 2015 година открило дека се спречуваат повеќе од 6.000 смртни случаи секоја година токму поради возењето велосипед, а исто така, возењето ви го продолжува животниот век за 6 месеци.

Освен тоа, големи се и придобивките за животната средина: користењето велосипед штеди во просек 150 грама јаглероден диоксид по километар, покажува анализата на Институтот за сообраќајна политика во Холандија.
Како што вели Руте: – Целиот систем ги поттикнува луѓето да ја користат оваа здрава алтернатива.

https://www.facebook.com/watch/?ref=external&v=684949208674930

За повеќе вакви и слични теми придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Холандија

СЛИЧНИ СТАТИИ

НАЈЧИТАНИ