Најавите кои пристигнаа од Германија дека годинава ќе увезе работна сила од Балканот треба да го запали црвеното светло во економиите во регионот. Експерти и бизнисмени за Алсат коментираат дека доколку се оствари планот на најмоќната европска економија и од земјите од опкружувањето земе 50 илјади неквалификувани работници за германските фабрики, во тој случај повеќе нема да има економија на Балканот. Стопанственикот Горан Рафајловски е убеден дека веднаш би заминале над 150 илјади до Балканот, а меѓу нив ќе има и голем број квалификувани работници за одредени дејности кои се дефицитарни секаде.
„А, ние ништо не работиме на таа тема како да си ги задржиме сопствените луѓе тука. Не издвоивме ниту еден план како и на кој начин гледаме дека можеме земјата да ја направиме самоодржлива. Ние сме неодржливи сами за себе. Ние сме прехранбено зависни, сме енергетски зависни, автопатски сме катастрофално нерешени“, рече Горан Рафајловски бизнисмен.
Многу е извесно дека Германија ќе го реализира зацртаното, бидејќи нивната проекција е економијата да им напредува, а втората причина е дека населението им старее слично како и во цела Европа, па увозот на работна сила ќе биде неминовен. Ова е ставот на универзитетскиот професор по трудово право Лазар Јовевски. Тој за Алсат додава дека Германија добро ги познава работниците од Балканот кои се вредни и трудољубиви. Професорот смета дека е предоцна нешто да се стори бидејќи граѓаните на Македонија не си заминуваат само поради ниските плати.
„Си заминуваат поради многу фактори, поради големата поделеност, поради целокупниот амбиент во земјата, потоа поради големата поделеност, поради корупцијата, поради невладеењето на правото, поради неостварување на лични права. Младите воопшто не се наивни и гледаат што се случува во општеството, гледаат кои просперира и како просперира“, рече Лазар Јовевски универзитетски професор.
Германската Влада оваа одлука ја донесе во 2019 година, но пандемијата го одложи целиот проект поради стагнација на светските економии. А, од Владата се надеваат дека ќе ги предомислат младите од заминување преку т.н. оперативен план за вработување, како разни помош при самовработување, обуки и слично.