Услови и постапка за добивање австралиско државјанство

До 26 Јануари 1949 година, статусот на австралиски државјанин не постоел, а луѓето родени во Австралија биле британски државјани. Со донесувањето Актот за националност и државјанство во 1948 година, луѓето родени во Австралија автоматски станувале австралиски државјани.

 Австралиското државјанство е привилегија која нуди огромни придобивки. Тоа што ќе станете австралиски државјанин, значи дека преземате трајна обврска кон Австралија и кон сите работи за кои се залага таа како држава.

За да добиете австралиско државјанство, треба да исполнувате одредени услови. Тие услови зависат од тоа во која од следните категории спаѓате:

Доселеник со постојан престој во Австралија

Брачен другар на австралиски државјанин

Државјанин на Нов Зеланд кој живее во Австралија

Дете на австралиски државјанин кое е родено во странство

Дете на австралиски државјанин кое е посвоено во странство

Дете на странец кој порано имал австралиско државјанство

Граѓани кои го изгубиле или се ткажале од австралиското државјанство

 

Доколку ги исполнувате потребните услови, за добивање австралиско државјанство можете да аплицирате писмено, или пак онлајн. За секоја категорија важат посебни формулари кои можете да ги најдете тука.

Покрај тоа, треба да го положите тестот за добивање австралиско државјанство. Овој тест е наменет да оцени дали имате соодветни познавања за Австралија и за правата и обврските што произлегуваат од државјанството. Тестот за државјанство исто така е наменет да оцени дали имате основни познавања на англискиот јазик. Способноста да комуницирате на англиски јазик Ви помага да играте поактивна улога во австралиското општество. Тоа Ви помага во целост да ги искористите сите можности за образование, вработување и другите можности што може да ги понуди Австралија. Тестот за државјанство се полага компјутерски, а се состои од прашања на кои се понудени повеќе одговори, од кои вие треба да го одберете точниот. Прашањата се на англиски јазик. Тестот за државјанство содржи 20 прашања што по случаен избор се одбрани од збирката со прашања. За да го положите тестот мора точно да одговорите на 75% од прашањата, односно на 15 од 20 прашања. Тестовите за државјанство се полагаат во канцелариите на Одделот за доселување и државјанство (Department of Immigration and Citizenship) ширум цела Австралија. Тестовите исто така се полагаат во одредени временски периоди и на поголем број локации ширум внатрешноста на Австралија, како и во некои дипломатски претставништва во странство.

Со положувањето на тестот за државјанство, ќе покажете дека ја разбирате обврската што ја преземате со полагањето на Заклетвата за австралиско државјанство. Кога ќе дојдете на свеченоста на која ќе Ви биде доделено австралиското државјанство, ќе положите заклетва како австралиски државјанин. Правејќи го тоа, вие јавно преземате обврска спрема Австралија и ги прифаќате обврските и правата на државјаните.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија