
Германија често се истакнува како земја со силни работнички права, но има ситуации кога вработените не земаат плата за време на боледувањето. Иако Законот за продолжување на исплата на плата (Entgeltforzahlungsgesetz) предвидува дека работниците во случај на болест имаат право на шест недели целосна плата, постојат исклучоци поради кои некои остануваат без никаков приход.
Исклучоците се следниве:
1. Почеток на нов работен однос: Едно од најчестите правила што ги изненадува нововработените е поврзано со тоа кога почнале да работат во фирмата. Право на плата за време на боледување имате само после 4 недели работа. Доколку работникот се разболи во првиот месец од новото работно место, нема право на плата, но може да поднесе барање за надомест на штета од здравственото осигурување. Овој надоместок изнесува 70% од бруто платата, но не може да надмине 90% од нето приходот.
2. Повторно заболување со иста дијагноза: Работниците кои ќе се разболат од иста болест во одреден временски период може да го изгубат правото на исплата на плата. Работодавачот е должен да исплати плата само ако поминат најмалку шест месеци меѓу две епизоди на боледување без иста дијагноза или ако поминале 12 месеци од првото појавување на болеста. Доколку овој услов не е исполнет, боледувањето го презема здравственото осигурување кое исплаќа намалена плата.
3. Сомнеж на работодавачот за исправноста на боледувањето на работникот: Доколку работодавачот се сомнева дека работникот неоправдано користи боледување, може да покрене постапка за верификација преку Службата за медицинско здравствено осигурување (МДК). Во некои случаи може дури и да ја прекине исплатата на плата додека не се докаже дека боледувањето е оправдано. Судските постапки во вакви случаи може да бидат долги, а работниците честопати се принудени да ја докажат својата работна неспособност со помош на лекарски исказ.
Можни промени во законодавството
Неодамна во Германија се расправаше за предлогот за укинување на плата за првиот или дури и првите три дена од боледувањето, но овој предлог се уште не е усвоен. Но, веќе има ситуации каде работниците не се обештетуваат, дури и со валидна лекарска потврда.
Овие правила се важни за секој што работи во Германија или размислува за вработување во таа земја. За да се заштитите, важно е да ги знаете вашите права и обврски и да бидете информирани.
Текстот е авторска сопственост и неговата содржина не смее да се превзема во целост или делови без претходна согласност од авторот или порталот Емигрико.