Во принцип, семејното приклучување кон други членови на семејството е можно само за да се избегнат исклучително тешки животни околности (сп. член 36 (2) од законот за престој – §36 Abs. 2 AufenthG).
Потребно е значително отстапување од регуларното приклучување кон семејство (член 27 до 32 од законот за престој – §§ 27 bis 32 AufenthG). Во вакви исклучителни случаи, мора да постојат животни околности кои се толку сериозни што во поединечен случај негативниот исход на барањето за дозвола за престој би довело до неподнослив товар за странецот, кој поднесува барање за виза.
Оттука, за овој вид на барање мора да се достават сеопфатни и веродостојни докази. Самиот факт дека постои попреченост или болест не е доволен.
Внимателно прочитајте го овој информативен лист и приложете го отпечатен и потпишан кога ќе поднесувате барање за виза. Ве молиме регистрирајте се за термин само доколку ги исполнувате сите услови и сте во можност да ги доставите сите потребни документи.
Виза не може да се додели доколку условите не се исполнети или не се поднесени потребните документи.
Добрата подготовка на барањето за виза може позитивно да влијае и да ја скрати постапката. При поднесување на барањето или за време на визната постапка може во поединечни случаи да бидат побарани дополнителни документи кои не се наведени тука.
Нецелосно пополнети формулари или некомплетни документи може да доведат до одбивање на барањето.
За време на визната постапка Амбасадата мора да ја вклучи надлежната служба за странци во Германија. Постапката по правило трае 10 до 12 недели по поднесување на барањето за виза на шалтер, во одреден случај и подолго.
Амбасадата веднаш ќе Ве извести штом Вашето барање ќе биде конечно обработено.
Ве молиме, воздржете се од прашања за статусот на Вашето барање во текот на вообичаеното времетраење на постапката. За визниот оддел тоа значи дополнително оптеретување и со тоа би се пролонгирала обработката на Вашето барање.
Ве молиме, подредете ги документите по дадениот редослед.Следните документи мора да се достават во оригинал и 2 копии.
Приложете ги документите споени само со спајалици (не захефтувајте!)
При поднесување на барањето потребно е да се достават следниве документи:
- 2 обрасци за барање на национална виза, целосно пополнети со латинични букви (на германски или англиски јазик) по можност на компјутер и своерачно потпишани. Барањето можете да го пополните онлајн или да го преземете овде
- 2 формулари –поука, своерачно потпишани.
- Дополнителни информации за достапност, целосно пополнет со латинични букви (на германски или англиски јазик) по можност на компјутер и своерачно потпишан.
- 3 биометриски фотографии, не постари од 6 месеци, на бела позадина, со големина 45 х 35 милиметри. 2 фотографии залепете на предвиденото место на обрасците за барање на национална виза, 1 фотографија приложете посебно.
- Пасош со доволна важност, во оригинал и 2 копии. Најмалку две страници во пасошот треба да бидат празни. Имајте во предвид, дека пасошот треба да важи најмалку уште три месеци по истекот на визата.
- Такса – таксата за апликацијата од 75,00 евра се плаќа во готово.
- Меѓународен извод на родени, во оригинал и 2 копии.
- Пријава за местото на живеење на референтното лице во Германија, во оригинал и 2 копии.
- Копија од пасошот на референтното лице во Германија, во соодветен случај и копија од визата за престој во Германија, доколку референтното лице во Германија не е германски државјанин, во 2 копии.
- Меѓународен извод на родени на референтното лице во Германија, во оригинал и 2 копии.
- Доказ за исклучително тешки животни околности (во зависност од поединечниот случај):
Доказ за видот и тежината на болеста/инвалидитетот и потребата од нега, во оригинал и превод на германски со по 2 копии.
Доказ дека не постојат блиски лица за помош или можности за нега во Северна Македонија (на пр. Меѓународен извод на умрени, судски пресуди итн.), во оригинал и 2 копии, во даден случај превод на германски јазик.
Други докази за зависност на членот на семејството од поддршката на членот на семејството во Германија, во оригинал и 2 копии, во даден случај превод на германски јазик
ПОУКА – ПОДНЕСУВАЊЕ БАРАЊЕ ЗА ВИЗА / BELEHRUNG – ANTRAGSTELLUNG
Посочено ми е дека моето барање за виза може да се препрати до надлежната служба во Германија само доколку се доставени комплетно сите документи наведени во информативниот лист. Некомплетни барања за виза ќе бидат одбиени и таксата за апликацијата нема да се надомести.
Ich wurde darauf hingewiesen, dass mein Antrag nur vollständig unter Vorlage aller im Merkblatt aufgeführten Dokumente weitergeleitet werden kann. Unvollständige Anträge werden abgelehnt, eine Erstattung der Visumgebühr ist ausgeschlossen.
Скопје / Skopje ___________________ Потпис / Unterschrift______________________
Извор: Германска амбасада