Трендот за онлајн изучување на германски јазик кај Македонците и натаму присутен.
Во последниве години сè поголем број луѓе, од различни генерации, се одлучуваат за изучување на германски јазик, а можноста за онлајн часови, според нив, е навистина одлична.
Па така, сведоци сме на голем број понуди од училиштата за странски јазици, но и од индивидуалци-професори и преведувачи кои нудат онлајн програми адаптирани на потребите на корисниците.
Германскиот јазик, сега е едноставно да се учи на далечина, во било кое време од денот, без обврска да се присуствува на класичен час. Најважна е желбата или, пак мотивацијата да се стигне до признание за познавање на еден од најважните европски јазици.
Повеќето се одлучуваат да ги усвојат новите јазични вештини, со цел евентуално иселување во Германија каде голем број македонски семејства тргнаа по подобра егзистенција и поквалитетен живот. За сооодветно работно место, но и за документи за работа, се бара сертификат за познавање на германски јазик, до кој граѓаните најлесно стигнуваат преку интернет обуки, и потоа само полагаат за верификација на своето знаење.
Дека во последниве години има зголем интерес за изучување на германски јазик потврдува и Мартина, професор и преведувач со 12 годишно искуство, која спороведува онлајн курсеви по германски јазик.
– Да, во последниве години има доста зголемен интерес за изучување на германскиот јазик, без разлика дали станува збор за општ или стручен германски. Според долгогодишното искуство, студентите на медицинскиот факултет уште од 2-3. година почнуваат интензивно да го учат, за после дипломирање веднаш да најдат работа во Германија. Најпопуларни се брзите и интензивни курсеви, со цел брзо стекнување сертификат, кој е потребен за спојување на семејство, а на стручните кадри за добивање на влезната работна виза, вели таа.
Интересот е голем кај Македонци од различни генерации. Иако германскиот јазик се учи во дел од основните и средните училишта, сепак за онлајн настава се пријавуваат од различни возрасти, каде истовремено добиваат помош при совладување на предизвиците и потешкотиите при изучувањето.
– Искрено има ученици од сите возрасти. Ама најопшто можам да кажам од 15 – 45 години, вели Мартина.
Ја прашавме професорката што е клучно за брзо и квалитетно да се изучи јазикот?
– Јазикот е жива материја која се учи цел живот. Секако дека средината влијае на брзината и квалитетот на изучување, односно, доколку ученикот живее во Германија/Швајцарија/Австрија, и работи со луѓе кои активно, точно и течно го зборуваат јазикот, ќе научи многу побрзо отколку некој кој се среќава со јазикот 2 пати неделно на час. Врз брзината и квалитет на изучување, исто така влијаат и самоиницијативата, мотивацијата и целта која се сака да се постигне, вели Мартина.