Германија очекува дека ќе има потреба од четврта доза

Германскиот министер за здравство Карл Лотербах изјави дека очекува да биде потребна четвртата доза од вакцината против Ковид-19 и со тоа официјално започна дебата во Европа за неопходноста од втора бустер доза.

Засега одлуката за давање трета доза е на сила во европските земји, особено богатите, а за евентуалната четврта доза се уште не се разговарало.

„Лично, би очекувал четврта доза, но научните податоци сè уште не покажуваат дали тоа ќе биде неопходно“, рече Лотербах, пренесе Политико.

За четвртата доза почнаа да размислуваат и медицински експерти во Велика Британија, но конечниот став се уште не е заземен, објави британски „Телеграф“.

Засега Израел е првата земја во светот која официјално им ја препорача четвртата доза на постарите и медицинските работници.

Генералниот директор на Светската здравствена организација Тедрос Гебрејесус во средата предупреди дека давањето трета доза „веројатно ќе ја продолжи, наместо да ја скрати пандемијата“, бидејќи вакцините ќе продолжат да се испраќаат во земји со инаку висок процент на вакцинирани, додека во други делови во светот продолжуваат да се шират и мутираат меѓу невакцинираните.

За повеќе вакви и слични информации придружете ни се во нашата фејсбук група Македонци во Германија